Рече нема да поднесе оставка од претседател на СДСМ и додаде дека овие избори се јасен патоказ за партијата и за него како лидер за тоа какви политички и кадровски промени треба да се направат во наредниот период. Во одговор на новинарско прашање потврди дека Ана Чупеска поднела оставка од позицијата потпретседателка на СДСМ
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, прогласи победа во Центар, Македонска Каменица и Зрновци во вториот изборен круг за градоначалници. Со ова, како што рече, СДСМ досега има освоено шест градоначалнички места заклучно со освоените три во првиот круг од изборите.

„Мора да информирам дека во изминатите две недели во очи на вториот круг се вршеше огромен притисок на сите кандидати на СДСМ во сите 17 општини каде што влеговме во вториот круг. Не се бираа ниту средстваа ниту методи и тоа само говори дека се соочуваме повторно со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ како во минатото којашто практично ги злоупотребува сите институции кои ѝ се под контрола“,
изјави Филипче.
Рече нема да поднесе оставка од претседател на СДСМ и додаде дека овие избори се јасен патоказ за партијата и за него како лидер за тоа какви политички и кадровски промени треба да се направат во наредниот период.
„Ќе има седници на Извршниот и Централниот одбор на кои ќе ги обзнанам тие промени и секако ќе планираме и организираме конгрес на кој ќе се дискутираат политиките за наредниот период. Сметам дека тоа што се направи во партијата изминатиот период после еден таков навистина катастрофален пораз лани беше консолидација, меѓутоа секако дека овие избори се дополнителен показател од кој ќе влечеме пораки и поуки за во иднина“,
порача Филипче.
Во одговор на новинарско прашање Филипче потврди дека Ана Чупеска поднела оставка од позицијата потпретседателка на СДСМ и најави дека соработката со неа ќе продолжи во друга форма. Додаде дека делумно освеженото раководство на партијата ќе биде реконструирано во следниот период.
