Министерот за внатрешни работи изјави дека како и првиот круг на 19 октомври, и вториот изборен круг поминал во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, а изборниот процес се одвивал без посериозни инциденти, без нарушување на јавниот ред и мир и без настани што би го довеле во прашање интегритетот на изборите
Денес уште еднаш покажавме дека Македонија може да организира избори какви што доликуваат на сите европски демократии – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференцијата по затворањето на избирачките места во вториот круг од локалните избори.

Министерот изјави дека како и првиот круг на 19 октомври, и вториот изборен круг поминал во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, а изборниот процес се одвивал без посериозни инциденти, без нарушување на јавниот ред и мир и без настани што би го довеле во прашање интегритетот на изборите.
„Ова е уште една потврда дека граѓаните, институциите и МВР покажаа зрелост и одговорност што придонесоа Македонија да има едни од најмирните избори во последните години“,
изјави Тошковски.
Министерот информира дека текот на изборниот ден на ниво на државата се пријавени вкупно 30 настани.
„Најмногу пријави беа евидентирани во Скопје. Најчестите пријави се однесуваа на агитирање во близина на гласачките места – 7 случаи, можен поткуп – 5 настани, неовластено присуство на гласачко место – 4 пријави. Забележани се и изолирани случаи на попречување на гласање, фотографирање на гласачко ливче, неовластено фотографирање на граѓани како и поединечни настани во врска со упатени закани. По преземените проверки, во 19 од 26 обработени случаи наводите не се потврдени. За дел од нив се утврди дека нема основ на понатамошно постапување, а во други случаи беа изготвени записници или преземени соодветни мерки“,
изјави Тошковски.
За четири од пријавените настани, како што рече, продолжуваат полициските активности, а се однесуваат за пријави на можен поткуп, неовластено фотографирање, агитирање и недолично однесување на членови на избирачки одбор. Паралелно, додаде Тошковски, секторот за компјутерски криминал при МВР регистрира 18 објави на социјалните мрежи поврзани со изборниот процес кои се анализираат и по кои се постапува.
