Утре, Нови Сад ќе ја одбележи годишнината од трагедијата во која 16 лица ги загубија животите при уривањето на натстрешницата на железничката станица во тој град. Бројни студенти и граѓани од цела Србија со денови пешачат до големиот комеморативен собир
Во своето обраќање до јавноста, Вучиќ рече дека една година по несреќата може да констатира оти многумина направиле грешки, вклучувајќи го и него

Голем број граѓани стојат покрај булеварот „Ослободување“ во Нови Сад, чекајќи ги студентите и граѓаните кои одат пеш од Белград, но и од повеќе други градови за да стигнат на одбележувањето на годишнината од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица.
Голем број граѓани со свирчиња и тапани се собрани и кај зградата на „НИС“ за да ги пречекаат студентите и граѓаните што одат пеш.
Поставен е голем транспарент на кој пишува „Еден чекор до слободата“, а во близина на Лиманскиот парк е закачен натпис „Нови Сад е светот“.
Граѓаните подготвиле и штандови со храна, каде што има штрудли, кифли, разни колачи, сокови, а се готви и чорба од 70 килограми месо, што треба да биде доволно за 300 порции.
Голем број луѓе пешачат и од Чачак, Краљево, Горњи Милановац, Ужице, Суботица, Вршац, Богатиќ, Шабац, Ваљево, Крагуевац и други градови.
Велосипедистите од Бачка Паланка пристигнаа први. Студентите од Нови Пазар, кои пешачат 16 дена, односно патуваат 400 километри за да стигнат до главниот град на Војводина, беа пречекани со огномет, факели, аплауз и овации.
Studenti iz Bačke Palanke ušli u Novi Sad. pic.twitter.com/zKkaR04MW3
— Razglas news (@razglasnews) October 31, 2025
Помина и колона возила од такси здружението „СОС“, која граѓаните ја поздравија со голем аплауз, бидејќи во текот на претходната година тие ја помагаа студентската и граѓанската борба со собирање донации и бесплатен превоз на студенти, кога има протести.
Воени ветерани низ насобраните граѓани до бината во Нови Сад носеа 16 венци со цвеќиња за 16-те жртви од падот на натстрешницата. Идејата е пешаците и велосипедистите да ги однесат венците до зградата на железничката станица околу 23:30 часот, а да се одржи 16-минутен молк во 23:52 часот.
Утре, Нови Сад ќе ја одбележи годишнината од трагедијата во која 16 лица ги загубија животите при уривањето на натстрешницата на железничката станица во тој град. Бројни студенти и граѓани од цела Србија со денови пешачат до големиот комеморативен собир.
Владата на Србија го прогласи 1 ноември за Ден на жалост, а српскиот претседател Александар Вучиќ апелираше за мирно одбележување на годишнината.
Во своето обраќање до јавноста, Вучиќ рече дека една година по несреќата може да констатира оти многумина направиле грешки, вклучувајќи го и него.
„Во некои моменти, и јас самиот кажав некои работи за кои жалам што ги кажав, за студенти, демонстранти и други луѓе. Се извинувам за тоа“,
рече Вучиќ без да прецизира на кои изјави мислеше.
Тој исто така изјави дека знае оти некои луѓе сè уште се лути што виновниците не се идентификувани, а камоли казнети за падот на натстрешницата.
„Искрено се надевам дека тие прашања наскоро ќе бидат одговорени“,
рече Вучиќ.
