Наместо системско решение, остана сметот ад-хок да го расчистуваат кандидатите за градоначалници меѓу двата круга. Некои од нив можеби и имаат некакви ингеренции бидејќи се актуелни градоначалници, но некои се само кандидати
Со прашањето треба да се позанимава и Антикорупциската комисија, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“
Скопје, од ден во ден, изгледа се почисто. Сепак, зборот „почисто“ не го користиме за пофалба, туку за споредба – затоа што во текот на октомври беше далеку полошо. Сметот и ѓубрето не само што се излеваа од контејнерите, туку буквално го попречуваа движењето по тротоарите.
Кризата, случајно или не, се совпадна со предизборната кампања за локалните избори. А во пресрет на вториот круг, недостатоците во работата на надлежното јавно претпријатие „Комунална хигиена“ почнаа да ги пополнуваат речиси сите кандидати за градоначалници во скопските општини.
Па, се обидовме да дознаеме – можеше ли кризата со ѓубрето во Скопје да се надмине на системски и институционален начин, а не ад-хок и за изборни цели?

За собирање и транспорт на комунаниот отпад на територијата на Град Скопје е задолжено Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Директор, до скоро, беше Сабахуди Рустеми – предложен од градоначалничката Данела Арсовска. Управниот одбор на градската фирма, пак, е изгласан од мнозинство во Советот на Град Скопје, каде најмногу советници има ВМРО-ДПМНЕ.
Зошто „Комунална хигиена“ престана да го собира отпадот – беше едно од прашањата кое им го поставивме по кривичната пријава од МВР. Наместо одговори добивме неколку документи кои наведуваат дека Управниот одбор уште од јуни годинава ги известувал градоначалничката Данела Арсовска и Советот на Град Скопје дека е нарушен системот на работа во претпријатието.
Во еден таков допис од 24 септември Управниот одбор наведува:
„Функционирањето на ЈП Комунална хигиена-Скопје е во крајно критична состојба“.
Притоа, поплаките се дека в.д. директорот Рустеми не ги спровел одлуките за сервисирање на комуналните возила и дека недостасуваат контејнери. Дека нема доставено извештаи за финансиското работење и дека:

„…функционирањето на ЈП Комунална хигиена-Скопје е во крајно критична состојба и оперативно и финансиски, што може да создаде дополнителни посериозни последици во однос на хигиената во градот Скопје“.
Рустеми сега е во притвор, па беше невозможно да му поставиме прашања. Одговор за тврдењата и документите на Управниот одбор побаравме од градоначалничката и од градскиот инспекторат – дали знаеле, што презеле, каков им е ставот. Не добивме одговор. Сепак, Арсовска во повеќе наврати на Фејсбук ги обвинуваше токму Управниот одбор, ВМРО-ДПМНЕ па и премиерот за состојбата во „Комунална хигиена“.
Прашавме дали Владата има законска можност да го преземе управувањето со отпадот во Град Скопје или во која било друга општина. Поради кои причини Владата не го презеде собирањето на сметот во Град Скопје, барем привремено и зошто не беше прогласена кризна состојба?

Оттаму ни одговорија дека се преземаат активности преку координиран вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје за непостапувањето на институциите, како и тоа дека е предвидена правна одговорност.
„Согласно законите, градоначалникот на Град Скопје има јасно утврдена обврска да обезбеди непречено и континуирано функционирање на сите јавни претпријатија и установи под негова надлежност, во интерес на граѓаните. Тоа не е прашање на желба или намера, туку прашање на законска и морална одговорност. Секоја евентуална негрижа, намерна опструкција или неисполнување на оваа обврска повлекува соодветна институционална и правна одговорност“,
се вели во одговорот од Владата.
Ни одговорија и дека имаат на располагање законски механизми, но не и – зошто не беше прогласена кризна состојба откако се случи, на пример, стаорец да касне 10-годишно дете во Скопје.
Наспроти одбегнувањето на извршната власт институционално да го преземе управувањето со отпадот од Град Скопје и „Комунална хигиена“, е Законот за управување со отпад. Таму, во членот 129, е пропишано:

(1) Доколку и покрај укажувањата и преземените мерки и активности, организационата единица за регионално управување со отпад, органите на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје не го обезбедат извршувањето на работите за кои тие се надлежни согласно со овој закон, им се одзема надлежноста за извршувањето на работите.
(2) Вршењето на работите од ставот (1) на овој член, ги презема органот за животната средина, најмногу до една година од денот на нивното преземање, во име и за сметка на организационата единица за регионално управување со отпад, општината и градот Скопје.
Наместо државата да го стори тоа системски, работата ад-хок ја презедоа кандидатите за градоначалници меѓу двата круга. Некои од нив можеби и имаат некакви ингеренции бидејќи се актуелни градоначалници, но некои се само кандидати.
Ова отвори дилема – дали за време на кампања ваквите активности се дозволиви. Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, дури и Антикорупциска може да се позанимава со ова прашање.

„Може да го разгледа ова како прашање бидејќи во основа, иако за градот помогнаа останатите јавни претпријатија во околината на градот, значи од други општини да се исчисти нели сметот, сепак се виде дека кандидати блиски на оние што ги испраќаат камионите или кандидати што се блиски до коалицијата, всушност се сликаат и ја презентираат акцијата на чистење во текот на кампања што ги дава нив во некаква предност пред противкандидатите и ги портретира како тие да го решаваат проблемот“,
вели Поповиќ за 360 степени.
За овие дилеми став побаравме и од Заедницата на единиците на локалната самоуправа или скратено ЗЕЛС.
Ни објаснија дека механизацијата за чистење стигнала од неколку скопски општини, а директно била побарана помош и од Куманово, Велес, Штип и Кавадарци. За промоцијата на кандидатите ставот на ЗЕЛС е:
„ЗЕЛС нема ингеренции во овој сегмент и секако повикува на фер и демократски избори. А кандидатите и политичките партии во организација на Државната изборна комисија, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори“.
Фер или нефер, ѓубрето стана плодна почва за предизборната кампања во Скопје. По изборите можеби и навистина брзо ќе се исчисти, но затоа нема брзо да се избрише срамот што го остави. Ако нема и други последици.
