Согласно наведеното, оттаму бараат градоначалничката на Скопје итно да назначи нов в.д. директор на „Комунална хигиена“, а во спротивно велат дека одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во Скопје ќе биде исклучиво нејзина
Управниот одбор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ испрати писмен допис до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во кој посочува дека согласно Законот за јавни претпријатија исклучиво таа ги има ингеренциите и надлежностите за разрешување и назначување директори на јавните претпријатија.
Реакцијата следува откако Арсовска вчера го повика премиерот Христијан Мицкоски да му наложи на Управниот одбор на комуналното претпријатие да назначи нов в.д. директор откако досегашниот поднесе оставка.

Во дописот до Арсовска, оттаму се повикуваат на одредбите од Законот за јавните претпријатија и од Статутот на ЈП „Комунална хигиена“.
„Согласно член 24 став 2, член 23 став 3 од Законот за јавните претпријатија и член 40 од Статутот на ‘Комунална хигиена’ исклучиво вие како градоначалник на Град Скопје имате ингеренции да именувате в.д. директор на ‘Комунална хигиена’. Состојбата во претпријатието итно го налага тоа. Да ве потсетиме и дека во изминатите четири години токму вие именувавте пет в.д. директори на ‘Комунална хигиена’ и разрешивте четири од нив“,
стои во документот на УО на „Комунална хигиена“, кој до Арсовска е испратен со наслов „Итна ургенција“.
Согласно наведеното, оттаму бараат Арсовска итно да назначи нов в.д. директор на „Комунална хигиена“ со цел остварување на примарната дејност на претпријатието и заштита на животната средина и јавното здравје.
Покрај ова, во документот испратен до скопската градоначалничка се нотира и дека при крај се резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, а набавката, како што велат, не може да се оствари без потпис на в.д. директор.
„Доколку во најкус можен рок не назначите в.д. директор на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во градот Скопје е ваша“,
се наведува во документот.
Претходно вчера, градоначалничката Арсовска го обвини премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е виновен за состојбата со „Комунална хигиена“ и го повика тој лично да му наложи на Управниот одбор на претпријатието да назначи нов в.д. директор.
Досегашниот в.д. директор на скопското комунално претпријатие Сабахудин Рустеми поднесе оставка од морални причини откако му беше одреден 30-дневен притвор поради состојбите со сметот во главниот град.
