Русија, според портпаролот на Кремљ, не добила никакво претходно известување од САД за промената на ставот на Вашингтон за нуклеарното тестирање
По објавата на Трамп дека наредил на Пентагон да ги обнови тестирањата на нуклеарното оружје, денеска се огласи Кремљ. Во претпазливата изјава оттаму велат дека Русија не извршила никакви нуклеарни тестирања, но дека Москва ќе одговори со иста мера доколку Вашингтон се одлучи на таков чекор.

Американскиот претседател, Доналд Трамп денеска соопшти дека ѝ наредил на американската војска веднаш да ги продолжи тестирањата на нуклеарно оружје по 33-годишна пауза. Трамп ова го објави непол час пред средбата со неговиот кинески колега Си Ѓинпинг во Јужна Кореја.
Трамп, во објавата на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), напиша дека САД ќе започнат со тестирање на рамноправна основа поради програмите за тестирање на другите земји.
„Досега не знаевме дека некој спроведува тестови“,
изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.
Русија, додаде тој, не добила никакво претходно известување од САД за промената на ставот на Вашингтон за нуклеарното тестирање.
На прашањето дали Кремљ верува дека изјавите на Трамп ќе предизвикаат нова нуклеарна трка, Песков рече: „Не баш“.
Портпаролот на Кремљ нагласи дека рускиот тест на крстосувачката ракета „Буревестник“ на 21 октомври и суперторпедото „Посејдон“ на нуклеарен погон на 28 октомври со сигурност не биле тестови на нуклеарно оружје.
Рускиот претседател, Владимир Путин, кој командува со најголемиот нуклеарен арсенал во светот, постојано повторува дека Русија ќе тестира нуклеарно оружје доколку која било друга земја го стори тоа.
„Сакам да ве потсетам на изјавата на претседателот Путин, која е повторена неколку пати: ‘Ако некој отстапи од мораториумот, Русија ќе дејствува соодветно’“,
рече Песков.
Инаку, постсоветска Русија никогаш не тестирала нуклеарно оружје.
Советскиот Сојуз последен пат тестираше нуклеарно оружје во 1990 година, САД во 1992 година, а Кина во 1996 година.
