Неговите коментари дојдоа еден ден по ескалацијата на ситуацијата во Газа, каде што Израел го обвини Хамас дека ги нападнал неговите војници на југот од територијата, при што загинал еден припадник на ИДФ. Израелската војска соопшти дека нејзините воздухопловни сили потоа нападнале неколку цели на Хамас како одговор
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ништо нема да го загрози примирјето меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас во Газа, и покрај обновеното насилство на територијата, јави ДПА.

Во разговор со новинарите во авионот „Ер форс уан“ на пат од Јапонија кон Јужна Кореја, Трамп рече дека Израел има право да одговори на нападите.
„Хамас уби еден израелски војник. Значи, Израелците возвратија удар. И треба да возвратат удар. Се договоривме со нив (Хамас) да се однесуваат добро и мора да се однесуваат добро. Ако не се однесуваат добро, ќе бидат елиминирани“,
изјави американскиот претседател.
Неговите коментари дојдоа еден ден по ескалацијата на ситуацијата во Газа, каде што Израел го обвини Хамас дека ги нападнал неговите војници на југот од територијата, при што загинал еден припадник на ИДФ. Израелската војска соопшти дека нејзините воздухопловни сили потоа нападнале неколку цели на Хамас како одговор.
Агенцијата за цивилна одбрана, управувана од Хамас, соопшти дека неколку лица се убиени во израелските напади. Групата негираше одговорност за нападот врз израелските трупи. Тврдењата не можеа да бидат независно потврдени, потсетува германската агенција.
Откако прекинот на огнот стапи во сила на 10 октомври, смртоносните инциденти продолжија. Министерството за здравство во Газа, предводено од Хамас, пред последните ноќни напади, изјави дека се убиени повеќе од 90 Палестинци.
Пред околу една недела, двајца израелски војници беа убиени во напад со ракетни гранати. Израел, исто така, го обвини Хамас за одложување на предавањето на телата на заложниците, потсетува ДПА.
