Гувернерот вели дека во округот Синдирги, во Баликесир, има 75 рурални населби и оти од контактите што ги имал со полицијата, во овие делови немало загинати

Најмалку 22 лица се примени во болница по земјотресот што синоќа беше регистриран на 60 километри југоисточно од градот Баликесир во Турција.
Гувернерот на Баликесир, Исмаил Устаоглу, вели дека четири од лицата што биле примени во болница се пуштени дома, а другите 18 се со полесни повреди.
„Четири од нив се отпуштени. Има 18 граѓани кои претрпеле полесни повреди поради паника и скокање од балкони. Нема повреди опасни по живот“,
вели Устаоглу.
Според Устаоглу, има три згради што се уништени, но во нив никој не живеел поради тоа што биле оштетени од претходниот земјотрес.
Тој вели дека во округот Синдирги, во Баликесир, има 75 рурални населби и оти од контактите што ги имал со полицијата, во овие делови немало загинати.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја информира дека во Центрите за итни повици биле примени 504 пријави од кои повеќето биле за оштетувања на инфраструктурата.
Тој додава дека спасувачките екипи се на терен и ја проверуваат состојбата на инфраструктурата во погодените области.
Јерликаја вели дека спортските сали, училиштата и џамиите се отворени како засолништа и дека образовниот процес денеска е прекинат.
По земјотресот од 6,1 степен, биле регистрирани и неколку последователни потреси со јачина од 4,2, 3,5, 4 и 3,9 степени.
