„Осомничен е дека со закана со пиштол одзел пари. Откако е приведен, тој е задржан во полициска станица, каде во службен разговор го признал делото“, велат од полицијата
Одреден е 30-дневен притвор за скопјанецот што призна дека ограбил филијали за брзи кредити, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Полициски службеници од СВР Скопје вчера го лишија од слобода Б. А. на возраст од 25 години, осомничен дека на 15 и 18 август годинава извршил разбојништва во две подружници на финансиски друштва во Центар и на Бит-пазар.
„Тој е осомничен дека со закана со пиштол одзел пари. Откако е приведен, тој е задржан во полициска станица, каде во службен разговор го признал делото“,
се вели во полициското соопштение.

Во координација со јавен обвинител, против него е поднесена кривична пријава по итна постапка, а судија на претходна постапка му одреди мерка притвор од 30 дена.
