„Рамадани од ВЛЕН во јавно обраќање од дијаспората наместо да говори за проекти, со шовинистичка реторика го глорифицира сепаратизмот на Илирида, со што директно промовира национална и етничка омраза против македонскиот народ“, се вели во реакцијата од партијата
Од Левица денеска обвинуваат дека кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од ВЛЕН, Хаќим Рамадани, дава изјави што предизвикуваат етнички тензии и шират национал-шовинизам, што го потврдува неговото отсуство на проекти и визија за развој на општината.
„Рамадани од ВЛЕН во јавно обраќање од дијаспората наместо да говори за проекти, со шовинистичка реторика го глорифицира сепаратизмот на Илирида, со што директно промовира национална и етничка омраза против македонскиот народ“,
велат од Левица.

Оттаму додаваат дека Рамади потврди оти за вториот круг во Брвеница се обединети заедно со Демократската унија за интеграција (ДУИ), што ја демонстрира сервилноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кон помалиот коалициски партнер.
„Иако Мицкоски предводи влада со апсолутно мнозинство, иако целиот политички наратив со кој ја доби поддршката на народот беше дека неговата влада нема да ‘коленичи‘, сепак, ВМРО-ДПМНЕ ги остави Тетово, Гостивар и Струга без свои кандидати за градоначалници“,
пишува во соопштението од Левица.
Според партијата, овие антимакедонски изјави го понижуваат достоинството на македонскиот народ, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одбира да молчи за да го сочува мирот во сопствената влада.
„Дали Мицкоски ќе биде само нем набљудувач пред изјавите на неговите коалициски партнери, што директно шират омраза против македонскиот народ и глорифицираат сепаратизам против унитарниот карактер на државата“,
прашуваат од Левица.
Јована Мојсоска, пратеничка од Левица и генерален секретар на партијата, вчера рече дека ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини, како Чашка, Брвеница и Кичево, веројатно како „благодарност“ што ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски ги оставија без свои кандидати за градоначалници општините Гостивар, Тетово и Струга.
