„Конечниот удар ќе дојде на 2 ноември во Тетово, Дебар, Долнени, Брвеница и насекаде каде што Албанците одлучија да го затворат поглавјето на ДУИ“, соопштија од коалицијата
Демократската унија за интеграција (ДУИ) е на дното на бунарот. Секојдневно се открива нејзиниот срамен договор со Левица, соработка што го предава интересот на Албанците за лична моќ. Ова е денешната реакција на коалицијата ВЛЕН коментирајќи ги изборните резултати од првиот круг на локалните избори, кога, како што додаваат, граѓаните ѝ изрекле казна на ДУИ.

„Ова јасно се виде на 19 октомври, кога граѓаните им ја изрекоа првата казна. Но, конечниот удар ќе дојде на 2 ноември во Тетово, Дебар, Долнени, Брвеница и насекаде каде што Албанците одлучија да го затворат поглавјето на ДУИ“,
велат од ВЛЕН.
Оттаму додаваат дека нивната коалиција се новиот дух, силата на промените и печатот дека Албанците ќе имаат чист, силен и искрен глас на секое ниво на власт.
„Не ги навредуваме Албанците, не ги нарекуваме ‘загари‘ и ‘Газиместан‘ како Али Ахмети, туку ги почитуваме со достоинствено претставување и секојдневна работа. На 2 ноември сите заедно да го затвориме старото поглавје и да ја започнеме новата ера на Албанците со ВЛЕН“,
пишува во соопштението од коалицијата.
Од ВЛЕН велат дека тие се најдобар пример за модерната албанска политика, без притисок, без уцени и без закани.
Јована Мојсоска, пратеничка од Левица и генерален секретар на партијата, вчера рече дека ВЛЕН и ДУИ отворено соработуваат во три општини, како Чашка, Брвеница и Кичево, веројатно како „благодарност“ што ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски ги оставија без свои кандидати за градоначалници општините Гостивар, Тетово и Струга.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, вчера во гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител не одговори дали неговата партија во вториот круг од локалните избори во Општина Кичево ќе му даде поддршка на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ или на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.
Владејачката коалиција директно не повика да се поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, како што тоа го направи за неколкумина други кандидати од коалициските партнери кои ќе одат во вториот круг.
