Ние ниту еден човек нема да оставиме, за секое место, за секоја општина ќе се бориме, затоа што знаеме дека нашите противкандидати не нудат иднина, туку нудат враќање назад во она тешко минато, минато кога се ограбуваше и национално се понижуваше нашата Македонија, кажа Мицкоски
Резултатите од првиот круг на локалните избори јасно покажуваат дека граѓаните ги избрале ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата како своја опција, порача премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од општина Лозово, во рамките на изборната кампања. Во обраќањето Мицкоски порача дека на крајот од изборите очекува да извојуваат победа во 59 општини.
„Во првиот круг освоивме 33 општини и веќе имаат градоначалници од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, двајца противкандидати на нашите кандидати за градоначалници веќе се откажаа, што значи 35, и од 24 очекувам сите 24 да бидат градоначалници. Ние ниту еден човек нема да оставиме, за секое место, за секоја општина ќе се бориме, затоа што знаеме дека нашите противкандидати не нудат иднина, туку нудат враќање назад во она тешко минато, минато кога се ограбуваше и национално се понижуваше нашата Македонија. Така што, на крајот овие избори очекувам ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да имаат 59 градоначалници“,
кажа Мицкоски.
Мицкоски ги повика жителите масовно да излезат на гласање и да го поддржат нивниот кандидат за градоначалник на Лозово, Бошко Цветковски, кој, како што кажа, ја има поддршката и од владата.

Цветковски влезе во вториот круг со 573 гласови, зад кандидатот на СДСМ, Ацо Велковски, кој освои 651 глас.
„Втората опција е опцијата којашто практично беше влада до пред година и половина, а претходно седум години ја ограбуваше Македонија, ја распродаваше и понижуваше Македонија и ги ограбуваше граѓаните. И таа опција ја нема поддршката на владата. Сакам многу јасно да ставам до знаење дека таа опција ја нема поддршката на владата и неслучајно тоа го кажувам тука, затоа што овде резултатот на локалните избори, за жал беше со поддршка за кандидатот за градоначалник којшто доаѓа од таа коалиција на СДСМ и ДУИ, која седум години ја ограбуваше и национално понижуваше Македонија. Таа опција ја нема нашата поддршка и ве молам да не паѓаме на лагите на тој кандидат. Тој кандидат доаѓа овде за избори и кога ќе биде поразен, повторно ќе го нема и ќе се појави за следните избори“,
додаде Мицкоски.
