„Идниот градоначник на Град Скопје има предност од 3:1 во однос на неговиот противкандидат, 90 000 наспроти 30 000 гласа. Очекуваме после вториот круг бројката на гласови за Орце Ѓорѓиевски да биде 125-130 илјади“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, да освои околу 130 000 гласови во вториот изборен круг каде што ќе се соочи со кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ. Предноста на Ѓорѓиевски пред Мециновиќ во првиот круг, како што рече, е 3:1.

„Идниот градоначник на Град Скопје има предност од 3:1 во однос на неговиот противкандидат, 90 000 наспроти 30 000 гласа. Очекуваме после вториот круг бројката на гласови за Орце Ѓорѓиевски да биде 125-130 илјади“,
изјави Мицкоски од вечерашниот митинг во Валандово.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека партијата чиј лидер е, остварила историски резултати на првиот круг од локалните избори што се одржа на 19 октомври.
„По првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 33 градоначалници. Изминативе два дена, два противкандидати на нашите кандидати за градоначалници се откажаа, така што веќе можеме да зборуваме за 35 градоначалници. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата водат, имаат веќе освоено градоначалник или се во втор круг како второпласирани во вкупно 59 општини. Досега ваков историски резултат во независна Македонија не се случил“,
порача Мицкоски.
Инаку, изминативе два дена од трката за градоначалник во Македонски Брод и Могила во вториот изборен круг се откажаа двајца независни кандидати, практично препуштајќи им ја победата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ кои предничат по бројот на освоени гласови во првиот круг во овие две општини.
