Во првиот круг, Максим Димитриевски освои 16 391 гласа, а Горан Стојковски-Диро влезе во вториот круг со речиси три пати помалку – 5 973 гласа
Разликата е огромна, но е теоретски достижна бидејќи повеќе кандидати кои отпаднаа добија значителен број гласови
Првиот круг од локалните избори во Куманово поминаа во посебен ритам, благодарение на Ромите од населбата Средорек.
И тие што не го говорат ромскиот јазик можат да разберат за кого е песната. Ние прашавме зошто ја направиле Песната ја слушавме и на кумановскиот плоштад, кога по првиот круг на изборите славеше Максим Димитриевски.
Но, таа вечер, никој не го посети штабот на независниот кандидат за градоначалник Горан Стојковски-Диро.
360 степени: Претежно се броеја гласовите и разликата помеѓу кандидатот на Националната алијанса за интеграција и кандидатот на СДСМ за тоа кој ќе влезе во вториот круг, бидејќи беше јасно дека ќе има втор круг. Утрото вие бевте прв што ја виде оваа вест?
Горан Стојковски Диро: Да, ние чекавме едно гласачко место од Агино село. Губевме околу 20 разлика од кандидатот на Националната алијанса и се обидувавме да дојдеме до резултатите од тоа гласачко место коишто ги немаше ажурирано ниту на ДИК, ниту па можевме од било кој друг штаб да ги добиеме. Вртевме телефони, бевме, еве така да кажам, и напорни малку. Овдека беше значи атмосфера од час во час се менуваше. 20 гласа водиме, 20 губиме, 40 сме позади сите… Али знаете, сите очекувавме и сите верувавме. Така да во 4:30 го добивме тоа гласачко место и знаевме дека имаме околу 50-тина гласа разлика и дека за нас првиот круг избори се завршени на позиции коишто искрено ги очекувавме, односно, влегуваме во втор круг.
Горан Стојковски е поранешен директор на кумановскиот Водовод, за време на еден од градоначалничките мандати на Зоран Дамјановски-Циц од СДСМ.

Еве како го опишува поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Владо Бучковски:
„Горан Стојковски и неговата фамилија, неговиот татко, е долгогодишен истакнат член на СДСМ, поранешен пратеник, неспорно е дека тој е социјалдемократ. Како се доведе СДСМ во Куманово повторно да има еден независен кандидат и друг кандидат кој меѓу другото е потпретседател на партијата е прашање“.
360 степени: Господине Стојковски, моите информации се дека вашето име требало да биде на плакатите на партијата СДСМ. Дали е точно дека вие имате подадено рака и дека требало да бидете кандидат на СДСМ, меѓутоа некој го прекршил тој договор и вие излегувате како независен кандидат?
Горан Стојковски Диро: Знаете, кога ќе се подаде рака, јас сум озбилен човек и очекувам такво нешто и да биде остварено. Немаше подадена рака, имаше само разговори. Јас како независен кандидат сакав да разговарам со сите, дали евентуално би ме поддржале. Апсолутно се најдовме на некој дел од разговор каде што имавме слични мислења, но СДСМ си реши дека им треба нивен кандидат, којшто нели, ќе биде автохтон од СДСМ, од партиски, поддржан од партиски луѓе, сакаат да водат партиска политика, отидоа на тој пат, едноставно се разминавме.
Битката на Горан Стојковски – Диро против Максим Димитриевски во Куманово наликува на Давид против Голијат. Еве и зошто: Во првиот круг, Максим Димитриевски освои 16 391 гласа, а Горан Стојковски-Диро влезе во вториот круг со речиси три пати помалку – 5 973 гласа. Разликата е огромна, но е теоретски достижна бидејќи повеќе кандидати кои отпаднаа добија значителен број гласови. Селвер Ајдини од НАИ, 5 915, Мартин Костовски од СДСМ 5 858, Арбен Етеми од ВЛЕН 3 860, Мирослав Петковиќ од Левица 2 184, а Виолета Арсовска од коалицијата „Искуство за успех“ 428.
Ги побаравме сите што не влегоа во вториот круг со прашање – кого ќе поддржат. Се одзваа Мирослав Петковиќ и Виолета Арсовска.

„Јас имам од двајцава кандидати еден фаворит, меѓутоа јасно е кој е фаворитот. Сите кои ме поддржаа знаат кој ми е фаворит, не би сакала сега да го фаворизирам другиот. Меѓутоа мислам дека на Куманово му треба промена и тоа е доволно јасно што кажувам, за кој би требало да гласаат оние кои гласале за мене и кои имале доверба во мене“,
изјави Арсовска од коалицијата „Искуство за успех“.
„Сметам дека нема поголемо право од правото на глас. Многу останаа апатични во првиот круг. Можеби и јас како кандидат не допрев до граѓаните доволно, но секако би ги повикал да излезат да гласаат во поголем број и при гласањето во втор круг нека ги заборават бехатонките и нека помислат на бројот 41“,
рече Петковиќ од Левица.
Го прашавме и Стојковски, со кого води преговори?
„Со партиите сѐ уште немаме никакви состаноци, а имаме секојдневни состаноци со граѓаните. Сами не бараат, се охрабруваат. Многумина не веруваа дека е нешто вакво возможно. Знаете, јас тврдам дека на два начина можете да го преживеете животот. Едно е да верувате дека нема чуда, а другиот начин е дека целиот живот е чудо. Јас верувам дека целиот живот е чудо и дека добрите луѓе, умните луѓе ќе излезат, ќе ми дадат поддршка и ќе го промениме начинот на менаџирање во Куманово“,
кажа Стојковски.
Меѓу другото, тој вели дека секој градоначалник во минатото го контролирал Советот, што остава сомнеж за коруптивни дејства. Сега, вели Диро, мнозинството би го имале ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, што според него е добро за Куманово ако општината ја раководи тој, бидејќи би се променил начинот на функционирање.
„На луѓето им е продадена приказната дека сите се исти, дека нема никаква разлика. 35 години што нѐ лажат, не нѐ лажат за да поверуваме во тоа што нѐ лажат, него да не веруваме во ништо. Народ што не верува во ништо, не изгубил можноста за акција, но изгубил можноста да размислува и просудува. Затоа ние ќе работиме на свеста кај луѓето со мал милион акции што веќе ги смисливме, да им покажеме дека е можно поинаку и дека може да се направи нешто многу подругачие него било каде друго“,
рече Стојковски – Диро.
Барем засега, во многу поповолна позиција е актуелниот градоначалник Максим Димитриевски. Се бори за трет мандат. При славјето за водството на 19 октомври, порача дека воопшто не му е важно против кого ќе се натпреварува.
„Па, не можам да го променам мислењето бидејќи кумановчани уште во првиот круг ја изразија својата слободна волја. Водејќи се врз база и на резултатот добиен на советничките листи, а особено на кандидатите, повеќе од јасно е дека Куманово оди во насока да одлучи да продолжам да го водам Куманово“,
рече Димитриевски.

И ако по првиот круг упати благодарност до ВМРО-ДПМНЕ, сега има отворена поддршка и од владиниот партнер ВЛЕН, чии симпатизери во првиот круг гласаа за својот кандидат Арбен Етеми. Но, за Димитриевски важни се и гласовите од симпатизерите на опозициските партии.
„Јас се обраќам кон сите и не ги делам, ниту некогаш како градоначалник – по тоа и сум специфичен. Не сум ги делел луѓето ниту по партиска, ниту по етничка, ниту по верска припадност. Затоа и секогаш во рамките на мојата поддршка имало гласови од сите етнички заедници, можеби не доминантно, но дополнително и гласови коишто доаѓале од други политички партии. Тоа се покажало, на пример, и во првиот и во вториот мандат, а тоа се потврди и во првиот круг на ова гласање. Јас очекувам гласови од сите тие граѓани коишто во првиот круг не гласале и не се произнеле за мене“,
вели актуелниот градоначалник на О.Куманово.
Дополнителен зачин во вториот круг во Куманово даваат бројките од гласањето за советничките листи.
ЗНАМ освои 8 437 гласа, ВМРО-ДПМНЕ 7 751, а „Братската листа“ на Демократската партија на Србите на Иван Стоилковиќ доби поддршка од 3 627 кумановци. Или заедно, партиите кои се партнери во владата, добија 19 635 гласа.
Па го прашавме Димитриевски, кој не гласал за него со оглед дека тој освои 16 391 глас, што е околу 3 200 гласа помалку од листите на коалициските партнери.
„Дали јас имам добиено поддршка од „братска“ листа или не, времето ќе покаже. Мислам дека немам добиено, но како и да е, јас од тој електорат не се откажувам, бидејќи никој гласачите не ги носи во џеб. Јас како градоначалник на оваа општина, активно во изминатите осум години, имам работено и во српските, и во ромските, во албанските, и во македонските средини, и кај сите останати помали етнички заедници“,
изјави Димитриевски.
Бидејќи во текот на кампањата се отвори прашањето за еднаквиот пристап до медиумите, според Димитриевски тој не е во предност порадинтоа што го има на телевизија и на радио, туку поради ефикасноста во мандатот.
„Кога одам во град, ми велат „работиш само во село“. Кога одам во село, ми велат „работиш само во населби“. Во населбите велат „работиш само во град и во село“. Кај Албанците ми викаат „работиш само кај Македонците“, кај Македонците ми викаат „работиш само кај Албанците“, Ромите пак обратно, но на крајот сите велат едно исто: работиш“,
рече лидерот на ЗНАМ.
За тоа дали Куманово треба да се менува или да продолжи во истиот тек, сепак, крајниот збор ќе го имаат граѓаните.
