Кога оштетените не биле во можност да ги вратат позајмените средства, осомничените барале да им биде предаден или оптоварен имотот, пренесувајќи го на нивно име. Наплатата се вршела директно или преку трансакциски сметки

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), изврши претреси на повеќе локации низ Скопје и лиши од слобода 11 лица. Тие се осомничени за сторени кривични дела лихварство и перење пари и други приноси од казниво дело.
Од МВР велат дека имаат поднесено кривична пријава против 11 лица, како и против 35-годишниот Б. К., за кого велат дека во моментов е недостапен за органите на прогонот.
Деветмина од осомничените, од почетокот на 2022 година до денес, се организирале во криминална група која се занимавала со лихварство. Искористувајќи ја тешката финансиска состојба на оштетените лица, тие позајмувале пари со договор за несразмерна имотна корист, договарајќи камата од пет до 15 отсто месечно, со дополнително зголемување за секое задоцнување.
Кога оштетените не биле во можност да ги вратат позајмените средства, осомничените барале да им биде предаден или оптоварен имотот, пренесувајќи го на нивно име. Наплатата се вршела директно или преку трансакциски сметки.
Постои сомневање дека осомничените се стекнале со противправна имотна корист изразена во парични средства од 125 033 527 денари, прибавена преку лихварство.
Парите, кои оштетените ги враќале во несразмерен износ, биле внесувани на банкарски сметки или во сеф. Со цел да се добие привид за легално стекнати средства, осомничените ги пуштале и ги користеле за реализирање трансакции кон сметки на правни и физички лица, плаќање на сопствените животни потреби, купување недвижен и движен имот, водење луксузен живот.
Од МВР велат дека голем дел од парите биле извадени во готовина.
Осомничените Љ. Љ. (29), Д. В. (29), А. Т. (29), Д. Љ. (32), М. В. (25), М. Н. (36), А. Т. (32), З. А. (42) се товарат како соизвршители или помагачи во двете кривични дела, додека М. К. (73), П. К. (41) и Г. С. (46) се осомничени само за перење пари.
Вчера, од ОЈО ГОКК информираа дека се вршат претреси на повеќе локации во Скопје и оти станува збор за сомнежи за лихварство и перење пари.
Подоцна рекоа дека врз основа на кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи (МВР) надлежен јавен обвинител на ОЈО ГОКК наредил отворање истражна постапка против вкупно 12 лица, од кои деветмина се товарат за двете кривични дела, додека тројца се осомничени за перење пари и други приноси од казниво дело.