Американскиот претседател ја откажа мисијата на Кушнер и Виткоф во Пакистан, очекувајќи брза победа на САД и крај на иранската нуклеарна програма
Во интервју за телевизијата „Фокс њуз“, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран може директно да контактира со Соединетите Американски Држави доколку Техеран е подготвен да преговара за ставање крај на воениот конфликт, нагласувајќи дека комуникацијата може веднаш да се воспостави преку безбедни канали.
„Ако сакаат да преговараат, можат да дојдат кај нас или да ни се јават. Знаете, има телефон. Имаме многу добри и сигурни линии“,
рече тој.

Тој рече и дека го откажал планираното патување на неговите специјални пратеници, Стив Виткоф и Џаред Кушнер токму поради можноста наместо со посредници, Иран и САД да разговараат директно за евентуален крај на војната. Двајцата американски претставници требаше да отпатуваат во Исламабад, каде што во моментов престојува иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, за можни индиректни разговори.
Трамп изрази силен оптимизам за исходот од конфликтот на Блискиот Исток, оценувајќи дека војната ќе заврши многу брзо со јасна победа на САД, велејќи и оти е уверен и дека по ваквиот развој на настаните, Иран нема да биде во можност да продолжи со развојот на својата нуклеарна програма.
Во интервјуто, американскиот претседател не ги поштеди од критики ниту сојузниците од НАТО, обвинувајќи ги дека не им даваат доволна поддршка на САД во воените дејствија против Иран. Тој конкретно ја посочи Велика Британија, забележувајќи дека британската најава за испраќање бродови дури откако ќе заврши војната воопшто не е добар потег. Покрај кризата со Иран, Трамп се осврна и на воениот конфликт во Источна Европа, информирајќи дека во текот на денот остварил многу добри разговори со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот лидер Володимир Зеленски.
„Работиме на руската ситуација… се надеваме дека ќе го завршиме и тоа“,
заклучи тој.
