Портпаролката Каролин Ливит го опиша инцидентот како дело на „луда личност“ со цел да се убијат претседателот и високи функционери, додека пак Трамп рече оти напаѓачот во својот манифест изразил силни антихристијански ставови
Нападот на гала-вечерата со дописниците од Белата куќа во Вашингтон официјално се третира како обид за убиство на американскиот претседател Доналд Трамп и високи претставници на неговата администрација, информира портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, преку социјалната мрежа Икс. Таа кажа оти настанот бил киднапиран од изопачена луда личност чија цел била да го убие претседателот и што е можно повеќе високи функционери.
Ливит, која за време на инцидентот се наоѓала во ВИП-просторот, појасни дека била итно евакуирана и пренесена на безбедно заедно со претседателот Трамп и првата дама Меланија.
„Претседателот Трамп беше навистина бестрашен, но, како што рече синоќа, ова политичко насилство треба да заврши“,
рече таа.
Во изјава за телевизијата Фокс њуз, претседателот Трамп откри детали за профилот на напаѓачот, нарекувајќи го болен човек и рече оти од пронајдениот манифест на вооруженото лице јасно се гледа дека тој имал силни антихристијански ставови. Трамп додаде и дека дури и членови на неговото семејство претходно им дале информации на безбедносните власти за неговите екстремни верувања.
Државниот обвинител Тод Бланш претходно изјави дека истражните органи сè уште работат на целосно утврдување на мотивите. Сепак, врз основа на првичните наоди и доказите од теренот, истражителите потврдуваат дека главна цел на нападот биле токму претседателот Трамп и членовите на неговиот владин кабинет.
