Регистрирани се физички пресметки меѓу сопружници, син кој ги нападнал родителите, снаа која истепала свекрва и пијан маж кој ѝ се заканувал на сопругата со остар предмет
Министерството за внатрешни работи информираше за шест инциденти поврзани со семејно насилство. Само во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава поднесени се вкупно шест пријави, при што полициските службеници лишиле од слобода четири лица.

Во еден од случаите, во скопскиот регион, полицијата го привела 27-годишниот С.В. откако неговата 47-годишна мајка пријавила дека тој агресивно се однесувал во семејниот дом, кршел покуќнина и физички ги нападнал неа и нејзиниот 53-годишен сопруг. Сличен случај е регистриран и во тетовско, каде што 70-годишна жена пријавила физички напад од нејзината 37-годишна снаа З.И.
Полицијата интервенирала и во Неготино, каде што е уапсен 37-годишен маж кој во домот ѝ се заканувал на својата сопруга со остар предмет. При интервенцијата, полицајците утврдиле дека насилникот бил во тешка алкохолизирана состојба, со измерени дури 2,23 промили алкохол во крвта.
„Вчера во 04:40 часот полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода В.С.(43) од скопско, постапувајќи по претходна пријава од неговата 38-годишна сопруга дека во семејниот дом во скопско, физички ја нападнал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава“,
велат од МВР.
Дополнително, еден од пријавените случаи се однесува на психичко малтретирање и нарушување на приватноста, откако во СВР Скопје, 29-годишна жена пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг, заедно со неговата сестра, подолг временски период континуирано ја следеле и ја снимале со мобилен телефон. Од МВР информираат дека за сите шест случаи се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни законски поднесоци.
