Обвинителството утврдило дека со повеќе злоупотреби во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата предизвикала штета на домот преку неколку незаконски дејствија

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против поранешната директорка на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа, како и прекршувања на Законот за трансформација во редовен работен однос.
Обвинителството утврдило дека со повеќе злоупотреби во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата предизвикала штета на домот преку неколку незаконски дејствија.
Директорката на еден работник му овозможила исплата за неискористен одмор, а по неговото пензионирање, продолжила да му исплаќа дневници и трошоци за наводни службени патувања и користење службен телефон, со што предизвикала штета од околу 140 000 денари.
Со дополнително пречекорување на своите службени овластувања таа си исплатила неоправдани трошоци од 8 176 денари за службени патувања во Србија и во Унгарија.
Спротивно на закон, како што се вели во соопштението од Обвинителството, директно склучила договор за сметководствени услуги, прибавувајќи му незаконска корист на правно лице од 180 илјади денари.
Во периодот од 2021 до 2024 година, обвинетата секоја година го надминувала дозволениот број лица што ќе бидат ангажирани со договор на дело без согласност од Министерството за финансии, исплаќајќи 390 илјади денари на различни лица. Дополнително, ангажирала лица со договор на дело подолго од 24 месеци без согласност, исплаќајќи им 712 илјади денари.
Кривичното дело фалсификување исправа се однесува на повеќе случаи во кои обвинетата составувала лажни патни налози за наводни службени патувања низ Македонија (Битола, Крушево, Прилеп, Скопје). Истрагата утврдила дека во тоа време таа со службеното возило ја напуштала државата преку граничните премини Меџитлија, Ќафасан и Ново Село. Ова е констатирано во девет случаи во 2022 година.
Во 2024 година, обвинетата дополнително ја преправила третата страница од Записникот на Управниот одбор, менувајќи ја содржината во делот на констатациите за службените патувања.