Саркози беше прогласен за виновен минатиот месец за криминално заговарање. Судот нареди привремено спроведување на пресудата, што значи дека 70-годишниот Саркози мора да ја започне затворската казна и покрај тоа што поднесе жалба

Поранешниот француски претседател Никола Саркози пристигна во затворот „Ла Санте“ во Париз за да започне со издржување на петгодишната казна откако беше осуден на пет години во врска со нелегално финансирање на кампањата од Либија.
Поранешниот претседател, одејќи кон затворот, беше придружуван од сопругата Карла Бруни и бодрен од толпа поддржувачи.
Кратко откако влезе во автомобил за да се упати кон „Ла Санте“, Саркози објави порака на Икс во која тврди дека е жртва на одмазда и омраза.
„Сакам да им кажам, со непоколебливата сила што ми е, дека не е поранешен претседател на републиката тој што е затворен утрово – туку е невин човек“,
рече тој.
Саркози беше прогласен за виновен минатиот месец за криминално заговарање. Судот нареди привремено спроведување на пресудата, што значи дека 70-годишниот Саркози мора да ја започне затворската казна и покрај тоа што поднесе жалба. Тој отсекогаш жестоко ги негираше обвинувањата.
Поради неговата возраст, Саркози може да аплицира за условно ослободување веднаш по влегувањето во затвор. Ова важи за затворениците во Франција кои имаат 70 години и повеќе.
Саркози беше примен од претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата. Министерот за правда Жералд Дарманин објави дека ќе го посети Саркози во затворот.
Саркози, кој тврди дека случајот е политички мотивиран, беше обвинет за користење на парите на Гадафи за финансирање на неговата победничка изборна кампања во 2007 година. Обвинителите тврдат оти 70-годишниот Саркози ветил дека за возврат ќе му помогне на Гадафи да го подобри својот углед во западните земји. Тој беше француски претседател од 2007 до 2012 година.
Истрагата беше покрената во 2013 година, две години откако Саиф ал-Ислам, син на тогашниот либиски лидер, првпат јавно го обвини Саркози дека земал милиони од парите на својот татко за да ја финансира својата кампања.
Една година подоцна, либанскиот бизнисмен Зијад Такиедин, кој долго време дејствуваше како посредник меѓу Франција и Блискиот Исток, изјави дека имал писмени докази оти кампањата на Саркози била во голема мера финансирана од Триполи. Тој тврдеше дека исплатите во вредност од 50 милиони евра продолжиле откако Саркози станал претседател.