Комисијата за избор на кандидати на државата за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска дискутираше и за претставки за потенцијален судир на интереси упатени до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и за два приговора пристигнати до Комисијата. По образложение на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Дарко Костадиновски не беше прифатен од членовите на Комисијата
Кандидатите за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска се интервјуирани од страна на Комисијата за избор на кандидати за судија во ЕСПЧ. Разговорите се спроведуваа во зградата на Уставниот суд, а кандидатите доаѓаа поединечно, на секој половина час, колку што траеја нивните интервјуа.

На интервјуата, со цел поголема транспарентност и непристрасност во постапката, се поканети и присуствуваа Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ и Бојана Божиновска-Силјановска од „Македонско здружение на млади правници“.
Меѓу кандидатите што се повикани на интервјуа се поранешни и сегашни судии, универзитетски професори и адвокати.
Станува збор за 11 кандидати, како Оља Ристова, Тони Менкиновски, Наташа Габер-Дамјановска, Јордан Апостолски, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исеини, Јелена Ристиќ, Сашо Георгиевски, Наташа Бошкова и Ана Дангова-Хуг.
Шанса да ја продолжат постапката ќе имаат тројца кандидати.
Комисијата за избор на кандидати на државата за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска дискутираше и за претставки за потенцијален судир на интереси упатени до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и за два приговора пристигнати до Комисијата.
Резултатите од денешните интервјуа на кандидатите ќе се достават до експертскиот панел на Советот на Европа откако ДКСК ќе одлучи по приговорите.
„Претседателот на Комисијата, Дарко Костадиновски ги извести членовите за двете претставки упатени до ДКСК за потенцијален судир на интереси меѓу него и еден од кандидатите од селектираната листа за интервјуа, за што рече дека дознал од медиумите, како и за двете претставки упатени до Комисијата. По образложение на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност, ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Дарко Костадиновски не беше прифатен од членовите на Комисијата“,
се вели во соопштението од Комисијата за избор на кандидати за судија во ЕСЧП.
Изборот за судија за судот во Стразбур се спроведува по вторпат откако Владата го поништи претходниот избор од тројца кандидати. Инаку, тогаш во трка беа тројца кандидати – обвинителката Ленче Ристоска, судијката во Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Деветгодишниот мандат на македонскиот судија во Стразбур Јован Илиевски му истекува на 1 февруари следната година.