Корисниците се поделени во 4 категории, картичките треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август
Секој граѓанин може од денеска да провери дали е корисник на домашната платежна картичка. Списоците на корисниците согласно дефинираните критериуми со владината уредба се изготвени и конечната листа е објавена на веб-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, која од денеска е во функција, а веќе се печатат и првите картички и наскоро ќе почнат да им се издаваат на корисниците.

Ова го соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска, која информира дека банките ќе почнат да ги доделуваат картичките од крајот на оваа недела, а сите картички ќе треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август.

„На листата има вкупно 324 479 корисници, со што мерката ќе чини 28 милиони евра, или поточно 27,8 милиони евра. Со овие средства ќе се поддржат таргетираните категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност и ќе придонесе за ревитализирање на македонската економија во услови на ковид-19“,
рече Ангеловска.
Кои се корисниците
Корисници на домашната платежна картичка се четири категории граѓани: Првата се граѓани со низок доход, односно приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180 000 ден. во 2019 и нето-доход до 60 000 ден. во период јануари-април 2020, согласно евиденцијата на Управата за јавни приходи. Во оваа категорија 115 927 лица еднократно ќе добијат 9 000 денари на платежната картичка.

Потоа, вработени со низок доход, кои се 117 144 лица, и тие ќе добијат 3 000 денари еднократно. Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60 000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6 000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија.
Домашна картичка добиваат млади лица, чиј број изнесува 87 014, кои ќе добијат еднократно 3 000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.
Домашна картичка ќе добијат и 4 394 здравствени работници ангажирани во справување со ковид-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од ковид-19.
Како ќе се користи
Ангеловска денеска ја објасни целата процедура – од добивање на картичките, преку регистрација на страницата со матичен број, до купување.
Домашната платежна картичка ќе има препознатлив слоган „Купувам домашно“, ќе ја издаваат банките, а граѓаните кои се на листата на корисници, со внесување на својот ЕМБГ на страницата, ќе може да го проверат износот што им следува и да добие информација за банката издавач која ќе му ја издаде картичката. Банките ќе ја доставуваат картичката до адресата на корисникот на финансиска поддршка, или лицето ќе може да ја подигне во банка. Банките оваа информација ќе ја објават на својата веб-страница.
Издавачи на Домашната платежна картичка се НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка-Скопје, Комерцијална банка, Халк банка, Шпаркасе банка, Охридска банка, УНИ банка, Централна кооперативна банка и Силк роуд банка, кои изразиле интерес за тоа.
Граѓаните што веќе имаат една трансакциска сметка кај банката издавач, оваа картичка ја добиваат од таа банка. Граѓаните што имаат две трансакциски сметки, картичката ја добиваат од банката преку која добиваат плата или социјална помош. Оние граѓани, пак, кои имаат трансакциска во банка која не е дел од проектот и граѓаните кои немаат трансакциска сметка, се распределени кај една од банките според принцип на фер распределба.
Банката ќе ја достави картичката до адреса на граѓанинот или ќе може да се подигне во банка.
Што ќе се купува
Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одмаралишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.
Продавниците ќе треба да обезбедат обележани гондоли/рафтови со ознака „Купувам домашно“. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн-локации на деловни субјекти кои вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.
Картичката ќе биде поврзана со наменска сметка, а за неа граѓаните нема да имаат никакви трошоци, односно нема да плаќаат надоместоци за издавање, водење, управување до крајот на 2020 година, членарина во првата година и нема да плаќаат за затворање на сметката и картичката на барање на лицето корисник.
Домашната платежна картичка е дел од третиот сет економски мерки кои имаат за цел да ја заживеат економијата во фазата на нејзино постепено реотворање.