Народниот правобранител ќе ги штити правата на граѓаните со преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите надлежни институции
За време на денешниот прв круг од локалните избори граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800-54321 која за таа намена е отворена во канцеларијата на Народниот правобранител.

Телефонскиот број ќе функционира во периодот до 7 до 19 часот, односно од отворањето на избирачките места, па сè завршувањето на гласањето.
Покрај телефонски, граѓаните ќе можат да пријават повреда на нивното избирачко право и лично во сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Куманово, Кичево, Струмица, Тетово и Штип.
За заштита на своите гласачки права граѓаните, исто така, ќе можат да се јават и на следните телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Струмица: 034 329- 996, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310, Штип: 032 389-701 и Куманово: 031 431-488.
Народниот правобранител ќе ги штити правата на граѓаните со преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите надлежни институции.
Од канцеларијата на омбудсманот посочуваат дека избирачкото право е загарантирано со Уставот, како еднакво, општо и непосредно. Тоа се остварува на слободни избори со тајно гласање и никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што повредата на слободата на определување на избирачите, како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.
Денеска во Република Северна Македонија се одржуваат осмите локални избори, четврти по ред на кои граѓаните избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Гласањето започна во 7 часот, а избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот.
На овие избори право на глас имаат 1 832 415 избирачи кои се запишани во Избирачкиот список и гласаат на вкупно 3 474 избирачки места.
Граѓаните избираат меѓу 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, со што вкупниот број на кандидати изнесува 10 490.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје каде што се пријавени вкупно 16.
Изборниот процес го следат 1 451 набљудувач, од кои 807 домашни и 644 меѓународни.
Гласањето се одвива со лична карта или пасош, при што задолжително има и биометриска идентификација на гласачите. Граѓаните гласаат зад паравани со сино хемиско пенкало, а гласањето е тајно. Строго е забрането групно или семејно гласање, како и носење оружје на избирачките места.
Гласањето завршува во 19 часот, но тоа може да биде продолжено доколку на местото каде што се гласа сè уште има избирачи, на кои ќе им биде овозможено да гласаат. Гласањето може да биде продолжено и доколку во текот на денот настанал прекин на гласањето по одлука на Општинската или Државната изборна комисија, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот. Ова продолжување не може да биде подолго од три часа.
Гласачкото место може да се затвори и пред 19 часот, но само доколку гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список, и тоа со претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија.