Убиството на Росица суров потсетник дека фемицидот е присутен во сите слоеви на општеството

Човекот што ги уби Росица Коцева и нејзиниот татко бил сериски насилник, кој, за разлика од стереотипот за ваквите злосторници, бил навидум интегриран во скопскиот урбан живот, со имиџ што ја маскирал неговата деструктивна природа.
Истражувањето на „Призма“ го наметнува овој заклучок. БИРН интервјуирала 15 луѓе што имале директен или посреден контакт со 39-годишниот Илија Стефановски, но и со жртвите на неговото насилство.
Стефановски имал пријатели, соработници, многубројни следбеници на социјалните мрежи и бил на некој начин полујавна личност – познат по претприемачките обиди и по неговата пасија – скејтбордингот.
По двојното убиство во Велес, според првичните сознанија на МВР, тој си го одзеде и својот живот. Следуваа протести, жестоки дебати во јавноста и прозивки за одговорност.
Партнерската агресија врз Росица, која заврши трагично, ги разбива стереотипите дека насилството врз жените најчесто се случува во помалите, конзервативни средини и дека феноменот е и тоа како присутен во урбаните средини, ноќните клубови и во комуникацијата на социјалните мрежи.
Дополнително, информациите за двојното убиство во Велес, уште еднаш и по којзнае кој пат, потврдија дека без брза и решителна системска заштита на жртвите попусто е и кога ризичното однесување рано се препознава и се пријавува.
За разлика од многубројните случаи на родово базирано насилство, кои поради стигмата остануваат во „четири ѕида“, барем четири негови поранешни партнерки, пред Росица, го пријавувале во полиција.
Скопјанец, кој познава две од нив, за БИРН потврди дел од бруталните епизоди и раскажува за сосема друга девојка што не го пријавила малтретирањето.
Целиот текст прочитајте го тука.