Не е важен полот на градоначалникот на Скопје, вели Каја Шукова, туку што може тој да направи, што носи во себе и колку може да сработи за градот да биде подобар и почист. Смета дека има доволно компетенции за да го стори тоа
Таа има кариера прво во приватниот сектор, а потоа во Министерството за животна средина, каде што во еден период беше и министерка. Сега, повторно е службеничка во ресорот што го раководеше
Родена и израсната во Скопје. Гимназијалка од „Никола Карев“. Во тинејџерските години хористка, а подоцна инженерка технолог. Каја Шукова, по извесен период во приватен сектор, во фирми како Пивара и Солета, професионалната кариера ја гради во Министерството за животна средина од самото формирање на институцијата. Од советничка, раководителка, државна секретарка, до министерка на ресорот во кој остана и по престанокот на министерската функција. Од лани, таа е една од четворицата потпретседатели на СДСМ. Приватно, Каја Шукова е мајка на две деца, а слободното време го користи за прошетки со сопругот и миленичето.
„…Еве, утринска прошетка, вака ни започнува денот.
360°: Колку време чувате миленик?
Па, Дина е една и пол година, мала е уште, уште е многу пргава…“,
вели Шукова.
Додека го снимавме интервјуто, грижата за кучето ја презеде сопругот.
„Ова е маалото каде што јас израснав. Тука во близина е мојата семејна куќа и ова е паркот во којшто како деца растевме. Многу се дружевме тогаш, сите бевме надвор, после училиште, после обврските, игравме ‘Народна’, ‘Џамија’…
360°: Дали ве собираа дома порано поради загаден воздух, поради небезбедност?
Тогаш не.“,
додава таа.
Градежната експанзија го изменила и Тафталиџе од детството на Шукова. Како жителка на Скопје, пак, таа забележува на тоа што градот не ги испорачува сервисни услуги за кои наплаќа.
„Се соочуваме со недостаток на услуга за сериозно управување со отпад. Со недостаток на услуга во делот на водите, првпат после многу години се јавува недостаток на вода во повисоките делови на Скопје. Ми пречи многу што парковите се запустени, имаше ветување за многу нови паркови, меѓутоа и тоа што го имаме не е во солидна состојба. Генерално, она што многу ми пречи е дека нема услуга кон граѓаните, дека не функционираат јавните претпријатија во Скопје, а тие се главниот сервис на граѓаните. Тоа значи дека ќе мора да се работи прво на нивна реорганизација, да видиме кои се недостатоците, бидејќи граѓаните плаќаат за своите услуги и треба да добијат соодветна услуга“.
И додека деновиве се движи по улиците на Скопје, Шукова ја пресретнуваат билборди со нејзиниот лик.
360°: Веројатно сте ги слушнале и вие реакциите на граѓаните, на секои избори ги има, дека пренагласени се кампањите, дека премногу се узурпира јавниот простор, има ли потреба од толку билборди низ градов?
Шукова: Па, мислам дека секако има потреба да го пренесеме она што го планираме како визија и планови и проекти за Градот Скопје. Можеби треба да биде во помал обем, се согласувам со граѓаните, можеби не треба да има толкава узурпација на просторот и на времето на медиумите кои не пренесуваат, меѓутоа секако треба простор каде што ќе можеме да го пренесеме она што планираме да го направиме за градот да биде поубав.
360°: Вие сте единствена жена што е кандидатка за градоначалничка на Град Скопје. Иако на претходните избори слушавме од одредена партија дека на градот му треба ‘женска рака’, му треба ‘мајка да го води’, дали свесно сега СДСМ ги избегнува овие фрази?
Шукова: Не, ние не избегнуваме ништо свесно, сметаме дека за секој кандидат е потребно да има карактеристики кои ќе помогнат за да се води градот, и да имa способности, да биде компетентен. Јас сметам дека имам доволно компетенции, земајќи предвид дека долго време работев на животната средина и комуналните дејности, тоа е она, првите интервенции во градот се токму во тие области. Не сметам дека е битно дали е маж или жена, смеам дека е битно што може да направи, што носи во себе и колку може да сработи за да може да биде подобар и почист градот.
Шукова, како административец, за секојдневните потреби често користи јавен превоз.
„На работа одам со автобус, секако кога имаме други обврски кога ни треба возило, нормално дека одиме со автомобил. Многу често пеш бидејќи живеам во овој дел на градот, а Партизанска е прекрасна за пешачење, особено што имаме и миленик, знаеме и многу често да отидеме и пеш“,
вели Шукова.
Добро ги познава возниот ред и автобуските рути. Реформа на јавниот превоз е една од најголемите нејзини заложби во кампањата за градоначалник на Скопје.
Шукова: Мора да утврдите приоритети. Јас велам приоритет во Скопје мора да биде јавниот превоз, кој што не може да биде веќе во ваква состојба. Да им понудите и алтернативни можности на граѓаните преку повеќе пешачки патеки, да нема узурпација на просторот.
360°: Каква е состојбата и дали ви пречи? Пречи заради тоа што колку често се ненавремени автобусите, се во многу лоша состојба, еве гледате и овој во кој се возиме.
Шукова: Што е најдобро решение во однос на јавниот превоз во Скопје? Дефинитивно БРТ. Мислам тоа е проект кој што е спремен, стои четири години на страна. Имате проект, имаат обезбедени средства, значи тие си стојат во банката. Првата линија од Ѓорче Петров до Аеродром можеме да ја имаме најдоцна до почетокот на 2028 година и тоа е одлично. Тоа ќе значи 13 километри долга траса од Ѓорче Петров до Аеродром, до Ново Лисиче, со нови 21 автобуска станица и со нови 30-тина автобуси кои што ќе се движат на пет до шест минути максимум. И само на едната линија имате капацитет на превоз на 65,000 граѓани во еден ден, што е исклучителна, исклучителна бројка. Паралелно додека се гради оваа линија исток-запад, ќе се направи на оптималното решение за север-југ, што значи дека и тие два дела од градот ќе се поврзат. И секако паралелно да се набавуваат секоја година нови еколошки автобуси кои што ќе ги хранат овие две линии, од сите делови на градот.
Од Карпош до Центар стигнавме за десетина минути, надвор од шпицот во скопскиот сообраќај. Ова е рутата по која Каја Шукова оди на работа до Министерството за животна средина. Попатно ја пресретнуваат и симболите на Скопје, како Градскиот трговски центар.
360°: Какви спомени ви буди овој симбол на градот и како ги толкувате оние коментари ‘За џабе го гушкавте ГТЦ’?
Шукова: Па, не би рекла дека е ништо џабе. Прво да кажеме дека во времето кога се изгради ГТЦ беше еден од најмодерните објекти во градот и јас сум многу среќна што остана инфраструктурата, односно архитектурата иста како и денот кога е изграден. Мислам дека Градскиот трговски центар, впрочем тоа и неговото име го кажува, треба да се врати под управување на градот. Има многу простор кој што може да се даде на младите, може да се направат многу хабови, многу места каде што младите, па и возрасните, можат да се дружат. Управувањето во моментов е под државата. Мислам дека тоа не е соодветно и дека треба да го вратиме на градот како еден од објектите кој што е симбол за Скопје.
Шукова би сакала Скопје да е и почисто и вели дека има решение.
Шукова: За да го промените управувањето со отпад, вие прашањето мора да го решите системски и мора да воспоставите одржлив систем за управување со отпад. Што значи одржлив? Тоа секако се поврзува и со циркуларната економија којашто вели: отпадот селектирај го, реупотреби го и што помалку депонирај финално на депонија. За сето тоа да се спроведе, ќе мора да се набават нови канти, нови контејнери, бидејќи овие во моментот се девастирани и ќе мора да се набават и нови камиони. Секако за граѓаните, она што многу им е битно, да им дадете јасен распоред кога кој тип на отпад ќе им го собирате. Да речеме, понеделник ќе биде комуналниот отпад, во вторник ќе биде селектираниот отпад, за да знаат граѓаните и како да го изнесуваат отпадот од својот дом. Тоа се пракси од европските градови и мислам дека треба да ги спроведеме и тука. Паралелно на воспоставување на овој систем, ние мораме да го исчистиме брзо градот и мора да се справиме со дивите депонии.
360°: Моментално сметот завршува на Дрисла. Што мислите, уште колку време ќе може да функционира депонијата и каква визија имате вие за тоа?
Шукова:Дрисла има капацитет, не е проблемот во капацитетот на Дрисла, проблем е како го третирате отпадот кога ќе го однесете во Дрисла. Таму ќе мора интервенција, особено во делот на дегасификација, бидејќи се создава метан, нормално е, работи отпадот. Ќе мора да се соберат сериозно отпадните води, односно исцедокот од депонијата, бидејќи во моментот ги загадуваат и водните текови кои што се во близина, а секако и почвата, и мора да има соодветно, соодветно складирање на отпадот. Што тоа значи? Значи вие го ставате отпадот, вие мора да го покриете со еден слој земја, потоа и со глина и мора да направите добро компактирање, да го истиснете воздухот од отпадот, бидејќи воздухот е причинител зошто многу често ни се случува и самозапалување. Така да рехабилитација на Дрисла секако и таа е дел од системското решение кое што го планира државата.
Собирањето, транспортирањето и управувањето со комуналниот отпад се важни, но не и единствени точки од програмата на Каја Шукова. И таа сака модерен и убав град и вели дека не треба да бидат проблем политичките разлики на локалната со централната власт. Ниту пак да се преувеличува локалниот политички натпревар.
360°: Иако се ова нели како велат некои ‘комунални избори’, сепак кај нас сите процеси се предимензионираат некако, па дури и на претходните локални избори имавме и оставка од вашиот партиски лидер. Можат ли и овие избори, без разлика на исходот, да бидат пресвртница за СДСМ и каква?
Шукова: Ние не гледаме така на овој процес, иако да, за жал вашата констатација е дека наместо локални избори, на моменти прераснуваат како да се парламентарни избори. Од минатите избори од 2024 година до денешен ден, ние работиме на консолидација на партијата. Од ден на ден сè повеќе се враќа членството и сè поголем дел на граѓани ни приоѓаат и велат дека не се задоволни од раководењето на ВМРО-ДПМНЕ со градот и со општините во градот во изминатите четири години, но и со ова што се случува и на централно ниво, година и пол од кога ја преземаа и централната власт. На граѓаните им требаат решенија, брзи решенија, прво за да стане Скопје убав и модерен град, и им требаат убави решенија и добри системски решенија, за да се зголеми стандардот на граѓаните, за да се зголемат платите, бидејќи тоа е основата за нормален живот на секој граѓанин во државата.