Од СДСМ велат дека министерот за култура Зоран Љутков „наместо да го брани културното наследство, се занимава со партиска кампања и самопромоција“
„Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урнаа куќата на Владо Малески. Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Случајот со уривањето на дел од заштитената куќа на авторот на македонската химна, Владо Малески, во Струга, прерасна во политичка пресметка. Вчера ВМРО-ДПМНЕ ги обвини ДУИ и струшкиот градоначалник за издавање дозвола што довела до оштетување. Денеска, пак, СДСМ излезе со реакција директно насочена кон ВМРО-ДПМНЕ и министерот за култура Зоран Љутков, барајќи негова оставка.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во својата реакција вели дека оштетувањето е резултат на „системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.
СДСМ ја обвинува Управата за заштита на културното наследство дека „молчи и не презема ништо“, прашувајќи дали е така затоа што рушителите се „блиски до власта“ или дека институциите се во служба на бизнис-интересите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната „тајна коалиција со ДУИ“.
Од СДСМ велат дека министерот за култура Зоран Љутков „наместо да го брани културното наследство, се занимава со партиска кампања и самопромоција“.
„Во време кога се брише споменик на македонската културна меморија, Љутков не излезе со ниту едно јавно соопштение, ниту најави конкретна постапка. Тоа е срам за институцијата Министерство за култура“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата денеска упатија неколку барања, како итна и целосна истрага за случајот, одговорност од Управата за заштита на културното наследство, оставка од министерот Љутков поради недејствување и итна реставрација и заштита на објектите со историско и културно значење во Струга.
Вчера, пак, ВМРО-ДПМНЕ ја адресира одговорноста на локално ниво, обвинувајќи го градоначалникот од ДУИ.
„Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урнаа куќата на Владо Малески. Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, исто така, повика на итно постапување, барајќи од Јавното обвинителство „да постапи и да отвори истрага“ за да се утврди одговорност за штетата.
За уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески вчера известија и реагираа од Општинската организација на СДСМ – Струга.
Оттаму апелираат до сите надлежни институции „во најкраток можен рок да го истражат случајот и да ги изведат пред лицето на правдата сите оние кои си зедоа за право да избришат дел од културното наследство на Струга“.
„Овој чин ја поткопува довербата во институциите. Нерасчистувањето на ова културно злосторство ќе покаже дека има поединци и групи кои се над законите, над сѐ она што е наследство“,
велат од ОО СДСМ Струга.
Министерот за култура Зоран Љутков вчера рече дека е информиран за оштетувањата на споменикот на културата во Струга и оти веднаш стапил во координација со надлежните институции за преземање на сите неопходни мерки.
„Стручните лица од НУ ‘Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид’ извршија увид на лице место и констатираа сериозни оштетувања, рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ на соседен објект“,
вели Љутков.
Тој додава дека наодите и предлозите веќе се доставени до Управата за заштита на културното наследство – Скопје, а инспекциската служба ќе постапи согласно своите надлежности.