Тој порача дека секој глас повеќе за ВМРО-ДПМНЕ значи политички крај за нивните противници и соочување со она од што најмногу се плашат – правдата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски и вечерва го критикуваше својот политички опонент, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, наведувајќи дека неговите говори додека социјадемократките биле на власт и оние сега се „два комплетно различни света“.

Оценувајќи го однесувањето на лидерот на СДСМ како парадокс, Мицкоски критиките ги изнесе на партискиот митинг во Делчево, каде вечерва беше предизборниот караван на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакам да обрнам внимание на еден парадокс кој се случува, гледајќи ја кампањата на нашите конкуренти. Го слушам Венко како вели дека на државава ѝ се случувало цунами, од лошо – полошо. Бил загрозен домот, семејството, луѓе почнале да се иселуваат, имало нечесни игри, ама судиите биле професионалци. Инфлацијата галопирала и не знам што уште не. Каде беа тие пред година и половина, тие заедно со ДУИ беа власт седум години. Ние не почнавме од прозорците, фасадата, кровот на нашиот дом. Почнавме од темелите. Сменија име, устав, донесоа двоцифрена инфлација, профитираа од тендери, дури и од вакцини правеа профит. Ветуваа дека ќе ги донесат Фејсбук и Гугл, а единствената инвестиција беше таа во фабриките за марихуана“,
рече Мицкоски.
Проблемот за СДСМ, како што рече Мицкоски, е што мислат дека народот има кратко помнење, но не е така, додаде тој.
„Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени, или сега е Венко против Венко“,
рече Мицкоски.
Претходно, говорејќи на митинг во Берово, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека за разлика од нивната програма, која, како што кажа, е прецизна и со јасни рокови за мерките насочени кон потребите на граѓаните, од СДСМ досега не слушнале ниту еден проект.
Кампањата на социјалдемократите, како што рече Мицкоски, се темелела на „нивниот учител и гуру, Зоран Заев“.
„Гледаме како кампањата им се потпира исклучиво на политичкиот гуру на нивниот претседател Венко Филипче, а тоа е Зоран Заев. Тој велеше дека ќе одел во политичка пензија, а гледаме како буквално грчевито се бори да си ја одбрани инвестицијата во СДСМ, исто како што ги брани инвестициите во Дубаи. За овие луѓе политиката е бизнис, а за нас е начин како да им помогнеме на граѓаните“,
рече Мицкоски.
Тој порача дека секој глас повеќе за ВМРО-ДПМНЕ значи политички крај за нивните противници.
„А политичкиот крај значи и соочување со она од што најмногу се плашат, а тоа е правдата. Затоа на овие избори е пресудно и клучно најпрвин да излезете да гласате“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.