„Недвосмислен е и впечатокот дека ова е обид да се замолчат и спречат одбраната и полномошниците на оштетените во случајот за Кочани, за нивно произнесување и правилно информирање на јавноста“, се вели во писмениот допис на Комората
Адвокатската комора на Република Северна Македонија денеска преку писмен допис му одговори на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски откако и официјално го доби неговото писмо, во кое тој реагира на неетичките коментари на адвокати во врска со обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и неосновани очекувања од судскиот процес, кој не е започнат.

Во дописот се вели дека Адвокатската комора најостро реагира на наводите во писмото од Коцевски и ги оценува како неосновани од повеќе причини, кои поединечно и детално ги анализира.
„Во дописот неосновано се тврди дека адвокатите изнесуваат свои ставови и коментари по однос на поднесеното обвинение без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението и доказниот материјал. Ова не е точно бидејќи сите адвокати го имаат добиено обвинението, а со поднесување на обвинението тоа е достапно за јавноста, со што се достапни и сите наводи и докази во обвинението“,
се вели во одговорот од Адвокатската комора до Коцевски.
Оттаму реагираат на наводите на Коцевски дека адвокатите постапуваат спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите со кој се должни да го чуваат угледот на Судот и институциите пред кои се појавуваат.
„Напоменуваме дека адвокатите со ништо не го нарушиле угледот на Судот и имаат право и должност на слобода на изразување, односно да изнесуваат правни мислења, критички осврти или коментари поврзани со постапки од јавен интерес. Адвокатите имаат право да ја информираат јавноста за прашања поврзани со случаите на нивните клиенти. Од наводите во дописот не произлегува дека адвокатите го нарушиле угледот на Судот и институциите пред кои се појавуваат. Дотолку повеќе, што досега немаме никаква реакција од судовите дека им бил нарушен угледот. Останува нејасно зошто јавниот обвинител навлегува во надлежноста на судот“,
пишува во дописот од Комората.
Повеќе правни експерти, стручната јавност и лица компетентни за следење на судските постапки, според Комората, недвосмислено укажуваа дека со оглед на бројот на обвинети лица, како и бројот на оштетени лица, очекувано е дека судската постапка ќе трае долго.
„Оттаму е речиси зачудувачка реакцијата во дописот на јавниот обвинител, кога истото го навестуваат и адвокатите“,
велат оттаму.
Адвокатската комора будно ги следи случувањата и постапувањата во врска со трагичниот настан и досега нема утврдено дека ниту еден од адвокатите, на каков било начин, ја одолговлекувал или оневозможувал постапката.
„Ова, особено поради фактот што до подигнувањето на обвинението, Јавното обвинителство беше единствено тоа коешто ја водеше истрагата, ги обезбедуваше доказите и утврдуваше кои лица ќе бидат обвинети и за какви противзаконити дејствија. Согласно принципите на тајноста на истражната постапка, адвокатите во ниту еден момент не можеа, а и не преземаа какви било дејствија за спречување, односно одолговлекување на овој дел од кривичната постапка. Сакаме да истакнеме дека Јавното обвинителство беше тоа коешто во изминатиов период на прес-конференции наведе поединечно кои лица се обвинети, кои лица какви дејствија преземале и за што се обвинети и тоа уште пред да стапи обвинителниот акт во сила. Во интерес за правилно известување на јавноста, Ве информираме дека адвокатите не се тие што влијаат на времетраењето на истражната постапка ниту, пак, би влијаеле на претстојната судска постапка“,
пишува во дописот од Комората.
Според Комората, Судот вложи максимални напори да обезбеди услови за почеток на судската постапка по овој предмет.
Коментирајќи ги наводите во дописот на Коцевски, Адвокатската комора ги оценува како директно мешање во работата на адвокатите, потенцирајќи ја независноста на адвокатската дејност.
„Недвосмислен е и впечатокот дека ова е обид да се замолчат и спречат одбраната и полномошниците на оштетените за нивно произнесување и правилно информирање на јавноста“,
пишуваат од Комората.
Согласно законите, како што се вели во писмото од Комората до Коцевски, Јавното обвинителство и адвокатите треба да се грижат за законитост во постапката и да се борат за заштита на законите и на Уставот. Ова сето треба да е во една законита и транспарентна постапка без која било од странките неосновано да нанесе штета на другата странка или судот.
„Едно е сигурно и треба на сите учесници во постапката да ни биде јасно дека ова судење ќе биде тест за ефикасноста на целиот правосуден систем, тест за фер и правично судење. Оттаму, со професионалното однесување на странките во постапката треба да му се овозможи на судот што е можно побрзо и поефикасно постапување. Сметаме дека поради голем интерес на јавноста, постапката ќе се води транспарентно“,
велат од Адвокатската комора.
Оттаму остануваат отворени за дијалог и соработка водејќи се од принципите на владеење на правото.
На писмото од Адвокатската комора до Коцевски е потпишан нејзиниот претседател, адвокатот Љубомир Михајловски.
Во писмото, Коцевски во името на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија реагира на, како што вели, начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и однапред изнесуваат, според него, неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка.
Државниот јавен обвинител во писмото наведува дека одредени адвокати изнесуваат коментари за обвинението со „Пулс“ без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, на доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата.
Дополнително, државниот јавен обвинител вели дека одредени адвокати ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент.
За потсетување, Основниот кривичен суд Скопје минатиот петок (3 октомври) соопшти дека надлежниот совет во целост го одобрил обвинителниот акт за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и дека предметот е распределен кај судијката Дијана Груевска-Илиевска.