Алиу потврди оти е известен од Лекарската комора дека докторот Кузмановски имал истечена лиценца

Докторот Јован Божиновски е именуван за нов директор на Универзитетската клиника за неврологија, информира денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Назначувањето на Божиновски доаѓа откако Алиу го разреши докторот Игор Кузмановски по појавувањето на видео во кое тој меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото, на социјалните мрежи.
Министерот најави дека веќе е формирана комисија од страна на Министерството за здравство и се бара да се направи инспекциски надзор во таа институција, а поврзано со докторот Кузмановски.
„Очекуваме извештај од кај нив“,
рече Алиу на денешната прес-конференција.
Тој потврди оти е известен од Лекарската комора дека докторот Кузмановски имал истечена лиценца.
„Продолжувањето и издавањето на лиценци е надлежност на Лекарската комора, така да ќе чекаме од нив нова информација“,
додаде Алиу.
На констатацијата дека лиценцата е истечена на 15 март, а тој работел како доктор до 8 август, и прашањето дали може толку време да се чека за издавање лиценца, Алиу рече оти не сака да дава информации сè додека не ги провери сите податоци.
„Веќе имаме внатрешна контрола од ’Мој термин’, а најверојатно и на клиниката ќе има интерни административни процеси и кога ќе имаме јасна слика дали работел во тој период, ќе известиме“,
кажа Алиу.
На дополнително прашање што работел Кузмановски шест месеци наназад, откако е поставен за директор, ако не работел со пациенти, Алиу уште еднаш потврди дека во јавноста сака да излезе со податоци што се проверени.
„Логично е тоа што го кажувате, но сакам детален извештај што ќе биде проверен и за тоа до кое ниво и кој тип на пациенти и услуги ги давал“,
рече министерот.
Тој додаде дека како последица на овој случај веќе се размислувало во „Мој термин“ да се направи нов модул што ќе биде поврзан со лиценците, за во моментот кога таа ќе истече да се блокира профилот на докторот.
Министерот најави и формирање ново тело што ќе го испита стручниот аспект во третманот и давањето услуги кон пациентите откако ќе биде готов извештајот од комисијата.
Исто така, Алиу соопшти дека во текот на денот очекува извештај за тоа на колку доктори лиценците им се пред крај или веќе се истечени.
Новиот директор на Клиниката за неврологија, докторот Јован Божиновски, рече дека клиниката е во еден специфичен момент и оти со право македонската јавност е загрижена за сите овие случувања.
Посочи дека на негова иницијатива од денеска ќе се формираат две интерни комисии на клиниката, со што ќе се иницира внатрешен стручен надзор над работата на минатиот директор во период од 12 месеци, со цел да се направи објективна проценка за квалитетот на услугите и стручните препораки што тој ги давал.
Божиновски рече дека за ексдиректорот ќе биде поведена дисциплинска постапка.
„Досега ниту еден пациент не се пожалил на неговата работа, односно во неговото досегашно досие немало ниедна дисциплинска постапка“,
рече Божиновски.
Инаку, по објавувањето на видеото и набрзо по разрешувањето, Кузмановски се огласи на социјалните мрежи, каде напиша дека се кае и се извини за постапките.
Тој беше назначен за директор на Неврологија во август годинава и дојде на местото на докторот Фатмир Меџити.