Адвоката Сузана Јошевска-Анастасовска, која директно беше прозвана од Коцевски во писмото во врска нејзините коментари за обвинението за пожарот во „Пулс“, преку објава на Фејсбук реагира дека писмото на Јавното обвинителство до Адвокатската комора го чувстува како притисок и директен напад врз нејзината слобода на говор и професионалната независност
Адвокатската комора на Република Северна Македонија сè уште не го добила писмото од државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, во кое тој реагира на, како што вели, неетичките коментари на адвокати во врска со обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и неосновани очекувања од судскиот процес, кој не е започнат.

Во писмено соопштение, од Адвокатската комора се дека откако ќе го добијат дописот и ќе ги разгледаат наводите во него ќе излезат со официјално соопштение и став.
„Во врска со дописот од 10.10.2025 година на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија дека писмено ја известил Адвокатската комора на Република Северна Македонија во врска со кривичниот предмет за пожарот во дискотеката во Кочани, ја информираме јавноста дека таков допис не е добиен во Адвокатската комора. По приемот на дописoт, Комората ќе ги разгледа наводите и основаноста на истите во дописот и за тоа ќе излезе со официјално соопштение и став“,
наведуваат од Адвокатската комора во соопштението.
Инаку, реакцијата на Коцевски вчера беше јавно објавена од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија како отворено писмено, адресирано до претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски.
Михајловски во изјава за ТВ Телма рекол дека за писмото е запознаен од она што го прочитал во медиумите, наведувајќи, како и во писменото соопштението од Комората, дека ќе се излезат со став откако ќе дописот ќе пристигне во Комората.
Во писмото, Коцевски во името на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија реагира на, како што вели, начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и однапред изнесуваат, според него, неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка.
Државниот јавен обвинител во писмото наведува дека одредени адвокати изнесуваат коментари за обвинението со „Пулс“ без воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, на доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата.
Ова, како шт наведува Коцевски, е спротивно на член 13 од Кодексот за професионала етика на адвокатите, согласно кој, како што вели, тие се должни во извршувањето на својата професија, да го чуваат угледот на судот и на институциите пред кои се јавуваат.
Дополнително, државниот јавен обвинител вели дека одредени адвокати ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент.
Во тој контекст, Коцевски во писмото посочува на гостувањето на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24 на 8 октомври кое вели дека било пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите.
„Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не ѝ бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција“,
наведува Коцевски во писмото до Адвокатската комора.

На, условно кажано, обвинувањата од државниот јавен обвинител, преку објава на социјалните мрежи реагираше адвоката Јошевска-Анастасовска. Таа вели дека писмото на Јавното обвинителство до Адвокатската комора го чувстува како притисок и директен напад врз нејзината слобода на говор и професионалната независност.
Адвокатката ги негира наводите на Коцевски дека во емисијата говорела како независен експерт, посочувајќи дека во својот јавен настап во, како што вели, најмалку пет наврати јасно кажала дека е бранител на точно именуван обвинет во постапката.
Таа пишува и дека би сакала да го види Јавното обвинителство со иста енергичност да реагира кога е отворено нападнато од извршната власта, бидејќи, како што наведува адвокатката, тоа е прашање на институционален интегритет, а не на лична суета.
„Со оглед дека сме на почетокот на долга правна битка, преку ваквите реакции, ако денот по утрото се познава, можеме да очекуваме дека Обвинителството повеќе ќе се грижи за сопствениот имиџ отколку за правната суштина на обвинението“,
наведува Јошевска-Анастасовска во објавата.
Инаку, пораките за кои говори Коцевски во прозивката на адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска се однесуваат на комуникацијата преку текстуални пораки меѓу вработени во Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи и Пазарната инспекција со сопствениците на т.н. кабаре „Пулс“, што неодамна ги објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Адвокатката Јошевска-Атанасовска во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 рече дека ваквите докази воопшто не им биле доставени, иако државниот јавен обвинител за медимумите изјавил дека се самод ел од доказите што ги поседува Обвинителството.

За потсетување, Основниот кривичен суд Скопје минатиот петок (3 октомври) соопшти дека надлежниот Совет во целост го одобрил обвинителниот акт за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и дека предметот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси четири месеци, ако се земе предвид дека обвинението во кое се опфатени 34 физички и три правни лица беше поднесено на 13 јуни, односно безмалку три месеци по трагедијата.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.