Партијата на Албин Курти, Самоопределување, на изборите одржани на 9 февруари обезбеди 48 пратенички места во Собранието на Косово
Еден ден откако се отстрани клучната пречка за конституирање на косовското Собрание кое вчера го избра петтиот потпретседател на Собранието, Ненад Рашиќ, денеска Албин Курти го доби мандатот од претседателката Вјоса Османи за формирање нова влада. По церемонијалниот чин, Османи порача дека е време Косово наскоро да добие влада со целосен ставен мандат. Одлуката за доделување на мандатот на Курти, Османи рече дека ја донела по официјалниот предлог на партијата Самоопределување на Курти, која освои најголем број пратеници по резултатите на парламентарните избори одржани во февруари годинава.
„Според Уставот, мандатарот за формирање на Владата е должен да го достави составот и програмата на Владата до Собранието на Република Косово за одобрување, најдоцна во рок од петнаесет дена од датумот на донесувањето на декретот“,
велат од косовското претседателство.
Партијата на Албин Курти, Самоопределување, на изборите одржани на 9 февруари обезбеди 48 пратенички места во Собранието на Косово. Откако со многу потешкотии успеа да обезбеди мнозинство за избор на претседател на Собранието, сега партијата мора да обезбеди и потребни бројки за формирање влада. Доколку Самоопределување не успее да ја обезбеди поддршката од најмалку 61 пратеник, претседателката Вјоса Османи е должна во рок од десет дена да ги покани политичките партии на консултации.
По консултациите, нејзино дискреционо право е да одлучи кому ќе му го довери мандатот за состав на владата, доколку тој кандидат може да докаже дека има стабилно мнозинство за формирање извршна власт. Меѓутоа, доколку владата не се формира ниту по вториот обид, тогаш, според член 95 од Уставот на Косово, претседателката Османи е должна да распише нови избори, кои мора да се одржат во рок од најмногу 40 дена.