Претходно денеска, од партијата СДСМ, чиј претседател е Венко Филипче побараа истрага и кривична одговорност за докторот Игор Кузмановски по скандалозното видео во кое тој зборува за „шмркање бело“, по што набрзо тој беше разрешен од директорската позиција
Лидерот на СДСМ Венко Филипче побара од Лекарската комора да направи сериозна анализа и проверка на досегашната работа на докторот Игор Кузмановски кој вчера беше разрешен од позицијата директор на Клиниката за неврологија откако на социјалните мрежи се појави видео во кое тој меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.

Тој кажа дека е добро што тој е разрешен за многу брзо време, додека пак на прашањето дали треба да има и кривична одговорност, рече дека за тоа единствено одговорни кои треба да постапат се институциите.
„Сметам дека треба да реагира лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Така да, тоа е многу сериозно прашање, можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некоја таква состава, сега да не прејудицираме, но ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на комората“,
кажа Филипче.
Претходно денеска, Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ рече дека овој случај е огромен скандал на власта, и затоа е потребна темелна истрага на целокупната негова работа и да сноси кривична одговорност, оти станува збор за доктор кој се грижи за здравјето на луѓето.
Вчера на социјалните мрежи се појави скандалозно видео во кое се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Набрзо по разрешувањето, д-р Кузмановски се огласи на социјалните мрежи, каде напиша дека се кае и се извини за постапките.