Централната манифестација ќе се одржи во Прилеп, каде свое обраќање ќе има и премиерот Христијан Мицкоски
Македонија денеска одбележува 84 години од почетокот на народното востание против фашизмот, кое започнало на 11 октомври 1941 година во Прилеп, кога првиот прилепски партизански одред ја нападна полициската станица во градот, а ден потоа се огласија и партизаните од Куманово. Овој настан го означува почетокот на организираната борба за ослободување на македонскиот народ.

Централната манифестација ќе се одржи во Прилеп, каде што е најавена свечена академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Според најавите, на настанот ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Во Скопје, во просториите на Собранието, ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе ја добијат актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието, пак, признанијата ќе им бидат врачени на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер, како и на академик Глигор Јовановски, хемичар.
По повод празникот, ќе бидат положени цвеќиња на повеќе спомен-обележја низ државата, на партизанските гробишта во Бутел, Спомен-костурницата во Куманово, како и пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифовски-Питу и Могилата на непобедените во Прилеп.