Во текот на вчерашниот ден, Трамп на социјалните мрежи напиша дека се сомнева оти планираната средба со кинескиот претседател Си Ѓинпинг за време на посетата во Јужна Кореја воопшто ќе се одржи
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе воведат дополнителни царини од 100 проценти на сите кинески производи, како и нови ограничувања за извозот на технолошки производи кон Кина. Во објава на неговата платформа „Трут Соушл“ , тој напиша дека Вашингтон реагира на, како што ја нарече, „агресивната трговска политика“ на Пекинг.
„Дознавме дека Кина зазела исклучително агресивен став во трговијата и испратила крајно непријателско писмо до светот, со кое најавува дека од први ноември 2025 година ќе воведе широки контроли на извозот за речиси сите производи што ги произведува – и за некои што дури и не ги произведува,“
рече Трамп.
Тој најави дека, почнувајќи од први ноември или порано, во зависност од потезите на Кина, САД ќе воведат стопроцентна дополнителна царина врз сите кинески производи, а најави и контроли на извозот на критичен софтвер.
Ден претходно, Трамп на социјалните мрежи изрази сомнеж дека ќе се одржи планираната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на посетата во Јужна Кореја. Повод за тоа, според него, биле информациите дека Пекинг испратил писма до повеќе држави со најави за ограничувања на извозот на ретки метали и други суровини.
„Не, не сум ја откажал, но не сум сигурен дека ќе се одржи. Јас ќе бидам таму, па претпоставувам дека можеби ќе ја имаме,“
кажа тој.
Трамп и Си требаше да се сретнат на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), кој ќе се одржи кон крајот на октомври. По неколкумесечна пауза во трговските тензии, двете земји во април повторно воведоа меѓусебни царини поголеми од сто отсто. Во четвртокот, Пекинг објави проширување на ограничувањата за извоз на ретки земни метали, кои се клучни за производството на електронска и батериска технологија. Според кинеското Министерство за трговија, од први декември компаниите што ќе извезуваат производи со кинески ретки метали ќе мора да добијат дозвола од властите.
Новите мерки опфаќаат и пет дополнителни ретки метали, со што вкупниот број на засегнати материјали се искачува на дванаесет, како и неколку видови батериски и графитни производи. Ограничувањата ќе стапат во сила на осми ноември.