Тој додава дека се повлекува од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои ги постигнал со својот тим

Разрешениот директор на Клиниката за неврологија поради скандалозното видео за „шмркање бело“ на социјалните мрежи, Игор Кузмановски, вечерва се огласи на Фејсбук, изразувајќи каење и извинување за постапките.
„Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повопри и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови“,
пишува Кузмановски.
Тој додава дека се повлекува од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои ги постигнал со својот тим.
„Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“,
додава Кузмановски.
На социјалните мрежи денеска се појави видео на кое се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Ова беше причина министерот за здравство Азир Алиу итно да го разреши од директорската позиција.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, ја поддржаа одлуката на Алиу и ги повикаа институциите да постапат согласно законот и утврдените процедури.