„Дарувањето орган претставува највозвишен акт на хуманост и солидарност, а воедно и надеж за пациентите, светлото на крајот од тунелот што им го спасува и продолжува животот“, рече министерот за здравство
Од почетокот на годинава се извршени трансплантации на бубрези кај шест пациенти од починат донор, две трансплантации на црн дроби од починат донор, како и експлантации на коски и лигаменти, соопшти денеска министерот за здравство Азир Алиу, по повод одбележувањето на Европскиот викенд на органодонорството, во организација на Националниот координатор за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска и директорите на универзитетските клиники за дигестивна хирургија д-р Огнен Костовски, на урологија д-р Башким Шабани и на нефрологија д-р Никола Ѓорѓиевски.

Изминатиот период, посочи дека седум доктори хирурзи и специјалист нефролог се упатени на обука во Република Турција за трансплантација на бубрези. Двајца хирурзи се едуцирани исто така во Турција за трансплантација на црн дроб од жив данор.
„Континуирано сме посветени на унапредување на оваа дејност и стручно доусовршување на тимовите за трансплантација. Дарувањето орган претставува највозвишен акт на хуманост и солидарност, а воедно и надеж за пациентите, светлото на крајот од тунелот што им го спасува и продолжува животот. Нашата тенденција е што е можно почесто да зборуваме за органодонорството, како исклучителна значајна медицинска и општествена тема“,
рече Алиу.
Одбележувањето на Европскиот викенд на органодонорството е на иницијатива на Европската комисија со цел подигнување на јавната свест за важноста за овој чин што спасува човечки животи.