Државниот јавен обвинител во отвореното писмо до Адвокатската комора вели дека како Обвинителството укажуваат дека одредени адвокати ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски денеска преку отворено писмо упати остра реакција до претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Љубомир Михајловски.

Во писмото, Коцевски во името на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија реагира на, како што вели, начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и однапред изнесуваат, според него, неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка.
Коментарите, пишува јавниот обвинител, се изнесуваат без адвокатите воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, на доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата.
Ова, како наведува Коцевски, е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, согласно кој во извршувањето на својата професија, а адвокатот е должен да го чува угледот на судот и на институциите пред кои се јавува.
„Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките“,
наведува Коцевски во писмото.
Според него, изнесувањето на, како што вели, неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка, иако судењето сè уште не е започнато, наштетува пред сè на угледот на Судот и „преставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен“.
„Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат“,
вели Коцевски.
Понатаму во реакцијата, државниот јавен обвинител вели дека како Обвинителството укажуваат дека одредени адвокати ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент.
Со тоа, како што наведува Коцевски, овие адвокати ја доведуваат во заблуда јавноста и особено оштетените во трагичниот настан.
„Местото за соочување на доказите е судницата. Избегнувањето на судската постапка и обидот да се влијае на процесот со јавно изнесување на дезинформации, само ја покажува цврстината на доказите обезбедени од Обвинителството“,
вели тој.
Коцевски во писмото наведува дека, ниту еден од бранителите на обвинетите во предметот до овој момент до Обвинителството не доставил доказ или известување дека презел самостојно дејствие за обезбедуавње докази во корист на неговиот клиент согласно членот 306 од Законот за кривична постапка (ЗКП).
Во тој контекст, државниот јавен обвинител особено се осврнува на гостувањето на адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24 на 8 октомври кое вели дека било пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите.
„Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не ѝ бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција.
Наведените пораки се дел од извештајот за анализирана телефонска комуникација изготвен од МВР-БЈБ кој е дел од доказниот материјал доставен интегрално во судот и до сите бранители. Целокупниот доказен материјал за предметот ‘Кочани’ е навистина обемен и е резултат на макотрпна интензивна работа на јавните обвинители.
Доколку почитуваната адвокатка не го презела во целост или сè уште не стигнала ни да го прегледа, што е нејзина должност како бранител, тоа ќе има можност да го истакне пред Судот онака како што налага Законот за кривична постапка.
Ова особено бидејќи наведените пораки воопшто не се однесуваат на нејзиниот клиент. Ваквиот јавен настап е целосно спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, какво што е впрочем изнесувањето целосни невистини“,
вели Коцевски во писмото до Адвокатската комора на РС Македонија.

На крајот од него, Коцевски бара од претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски да апелира до адвокатите да дадат придонес за ефикасно и правично судење.
„Пред нас како држава е тежок, но исклучително важен судски процес со кој треба да испорачаме правда за сите жртви во кочанската трагедија. Адвокатите исто така имаат професионална одговорност да дадат придонес за ефикасно и правично судење. Барам од Вас, како претседател на организацијата која треба да ги штити професионалните стандарди на адвокатурата, да апелирате во тој поглед. Јавните обвинители, поради обврската кон семејствата на жртвите и кон повредените, но и кон целокупната јавност, ќе реагираат и остро ќе се спротивстават на секој обид за одолговлекување или компромитација на постапката“,
вели Коцевски.
Во однос на јавнообвинителскиот тим кој ќе го застапува обвинението во предметот за пожарот во „Пулс“, Коцевски вели дека е единствен и ја има, како што додава, апсолутната поддршка од целокупната јавнообвинителска организација.
Државниот јавен обвинител додава дека како одговорна и сериозна институција, нема да дозволат ниту едно единствено рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител.
Тој, сосема на крај, потсетува дека поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен во правна сила. Наскоро, како што додава тој, ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан.
„Јавното обвинителство до крај ќе ја почитува пресумпцијата на невиност на обвинетите, но ќе инсистира на кривичен прогон на секој еден сторител на кривично дело“,
вели државниот јавен обвинител.
Инаку, пораките за кои говори Коцевски во прозивката на адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска се однесуваат на комуникацијата преку текстуални пораки меѓу вработени во Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи и Пазарната инспекција со сопствениците на т.н. кабаре „Пулс“, што неодамна ги објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Адвокатката Јошевска-Атанасовска во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24 рече дека ваквите докази воопшто не им биле доставени, иако државниот јавен обвинител за медимумите изјавил дека се самод ел од доказите што ги поседува Обвинителството.

За потсетување, Основниот кривичен суд Скопје пред точно една недела, односно минатиот петок, соопшти дека надлежниот Совет во целост го одобрил обвинителниот акт за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и дека предметот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси четири месеци, ако се земе предвид дека обвинението во кое се опфатени 34 физички и три правни лица беше поднесено на 13 јуни, односно безмалку три месеци по трагедијата.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.