Откако деветтемина пратеници на Српската листа не добија доволно поддршка од пратениците за да станат потпретседатели на парламентот од редовите на српската заедница, со 71 глас „за“, 9 „против“ и 24 „воздржани“, Ненад Рашиќ од партијата За слобода, правда и опстанок, од редовите на српската заедница стана еден од петте потпретседатели на косовскиот парламент
Осум месеци по одржувањето на парламентарните избори денеска беше конституиран парламентот на Косово.
Процесот беше проследен со десетици продолжувања на конститутивната седница, неколку одлуки на Уставниот суд и повеќе од една кандидатура за функција на претседател, како и потпретседатели.

Откако деветтемина пратеници на Српската листа не добија доволно поддршка од пратениците за да станат потпретседатели на парламентот од редовите на српската заедница, со 71 глас „за“, 9 „против“ и 24 „воздржани“ Ненад Рашиќ од партијата За слобода, правда и опстанок, од редовите на српската заедница стана еден од петте потпретседатели на косовскиот парламент.
Новоизбраниот потпретседател од српската заедница, Ненад Рашиќ, накратко им се заблагодари на пратениците кои гласаа за неговиот избор.

„Многу сум благодарен на моите колеги кои денес гласаа за мене и се надевам дека денешниот ден ќе биде нов почеток за што побрзо формирање на институциите“,
изјави Рашиќ.
Покрај гласовите од пратениците на движењето Самоопределување и некои од пратениците на малцинските несрпски заедници, Рашиќ ги обезбеди и гласовите на пратениците на Демократската лига на Косово.
Спикерот Димал Баша ги отфрли критиките за начинот на кој е конституирано законодавното тело, велејќи дека постапката за избор на Ненад Рашиќ за потпретседател била целосно регуларна.
„Како што знаете, Уставот на Косово не прецизира на која српска партија ѝ припаѓа потпретседателот, туку само дека треба да биде од српската заедница“,
изјави Баша за новинарите по седницата.
Следниот чекор е формирање на новата влада, за што претседателката Вјоса Османи има законска обврска да ја назначи победничката партија или коалиција – во овој случај коалицијата предводена од движењето Самоопределување, заедно со движењето Осмели се и Алтернатива, како и мандатар за формирање на владата.
„Кандидатот за премиер најдоцна 15 дена по назначувањето го презентира составот на владата до собранието на Косово и бара негово одобрување“,
се наведува во член 95 од Уставот на Косово.