Меџити ја најави и изградбата на двокатен подземен паркинг под плоштадот „Скендербег“, инвестиција од 25 милиони евра, веќе обезбедена од Владата. Проектот, како што рече, ќе го реши проблемот со пристапот и ќе ја претвори оваа зона во модерен урбан центар

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, на денешната прес-конференција го презентираше третиот столб на неговата изборна програма, кој е фокусиран на преродбата на Старата скопска чаршија и развојот на туризмот како економски мотор на општината.
Како што оцени Меџити, Старата чаршија е многу повеќе од трговски комплекс, таа е „живата историја на Скопје, душата на градот и срцето на Чаир“. Тој нагласи дека неговата цел е ова културно наследство да се трансформира во модерен европски центар на туризмот и културата, преку конкретни проекти и обезбедено финансирање.
„Чаршијата не е само збир на улици и дуќани. Таа е нашата жива историја, духот на Скопје и срцето на Општина Чаир. Наша должност е не само да го сочуваме овој бесценет бисер, туку и да го издигнеме на ниво на врвна европска туристичка атракција, препознатлива во целиот регион. Нашата визија е Чаршијата да стане просперитетен центар на културата, туризмот и економијата“,
изјави Меџити.
Меџити соопшти дека неговата програма за преродбата на Старата чаршија опфаќа пет клучни развојни чекори – капитални инвестиции за враќање на автентичниот сјај, дигитална трансформација за модерен туризам, стандарди за секој посетител, заштита на бисерите на Чаршијата и „Круна на преродбата“ – изградба на подземен паркинг под плоштадот „Скендербег“.
Со првиот чекор од програмата Капитални инвестиции за враќање на автентичниот сјај се предвидува реставрација на калдрмите, целосна конзервација на улиците „Сарачка“, „Папучиска“, „Петар Михов“, „Самарџиска“ и дел од „Ковачка“. Меџити нагласи дека проектот е одобрен од Владата и се реализира во 2025 година.
„Продолжуваме со обнова на фасадите на сите преостанати дуќани, зачувувајќи го автентичниот изглед и претворајќи ја Чаршијата во вистинска европска атракција. Инвестираме во нова мрежа за осветлување за да ја зголемиме безбедноста и да ја истакнеме убавината на Чаршијата во вечерните часови“,
рече тој.
Со дигиталната трансформација за модерен туризам се предвидува поставување на интерактивни паметни инфо-табли на клучните точки плоштад „Скендербег“, Старата Чаршија, Бит Пазар. Меџити потенцира дека тие ќе нудат информации во реално време и бесплатен ви-фи за сите посетители.
Меџити истакна дека ќе нудат стандарди за секој посетител со изградба на модерни, беспрекорно чисти и лесно пристапни јавни тоалети, кои, како што потенцира, се очекува да бидат целосно приспособени за лица со попреченост и ќе се одржуваат секојдневно, обезбедувајќи достоинствени услови за сите.
Со четвртиот дел од неговата програма се предвидува целосна реставрација и меѓународна промоција на нашите историски обележја: Куршумли ан, Капан ан, Сули ан, Чифте амам, Даут-пашин амам, Шенгул амам и Безистенот.
Со последниот, петти чекор од третиот столб на програмата, „Круна на преродбата“ се предвидува изградба на подземен паркинг под плоштадот „Скендербег“. Станува збор за инвестиција од 25 милиони евра, веќе обезбедена од Владата. Проектот, како што рече, ќе го реши проблемот со пристапот и ќе ја претвори оваа зона во модерен урбан центар.