НИС во соопштението додава дека внимателно ја следи ситуацијата и дека во соработка со Владата на Србија и акционерите работи на надминување на ситуација
Од денеска започнува спроведувањето на санкциите што Соединетите Американски Држави ги воведоа против Нафтената индустрија на Србија (НИС) – компанија која е во мнозинска сопственост на Русија и една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.

Во соопштението што НИС го објави денеска се наведува дека како и досега, приоритети остануваат редовното снабдување на домашниот пазар со нафтени производи и зачувувањето на социјалната стабилност на вработените. Од компанијата додаваат дека во моментов се обезбедени доволно залихи на нафта за рафинирање, а дека бензинските пумпи редовно се снабдуваат со сите видови нафтени производи.
НИС во соопштението додава дека внимателно ја следи ситуацијата и дека во соработка со Владата на Србија и акционерите работи на надминување на ситуација. Дополнително се посочува дека компанијата и натаму ја продолжува соработката со Министерството за финансии на САД по барањето за отстранување од листата на санкционирани компании, кое НИС првично го поднесе на 14 март.
Нафтената индустрија на Србија беше ставена на списокот на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно мнозинското руско сопствеништво на компанијата. Од јануари, САД го одложија спроведувањето на санкциите осум пати. Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.