Новиот закон, кој денеска го усвои владата и сега чека одобрување од парламентот, ѝ дава овластување на полицијата да соборува дронови што го нарушуваат германскиот воздушен простор, особено во случај на закана или сериозна опасност
Германија е на чекор да ѝ даде овластувања на полицијата да соборува неовластени беспилотни летала како оние што изминатиот период беа регистрирани во неколку европски земји.

Новиот закон, кој денеска го усвои владата и сега чека одобрување од парламентот, ѝ дава овластување на полицијата да соборува дронови што го нарушуваат германскиот воздушен простор, особено во случај на закана или сериозна опасност. Други методи за онеспособување на беспилотните летала вклучуваат користење ласери или попречување на сигналите за нарушување на контролата и навигацијата.
„Инцидентите со беспилотни летала ја загрозуваат нашата безбедност. Ние нема да го дозволиме ова. Ги зајакнуваме овластувањата на Федералната полиција за во иднина беспилотните летала да можат да бидат откриени и неутрализирани побрзо“,
порача германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Ова следува откако по пријава за дронови минатиот петок на аеродромот во Минхен десетици летови беа пренасочени или откажани. Мерц рече дека претпоставува оти Русија стои зад многу од дроновите што прелетаа над Германија минатиот викенд, но дека ниту еден од нив не бил вооружен.
Со овој закон Германија им се придружува на европските земји кои неодамна им дадоа овластување на безбедносните сили да соборуваат беспилотни летала што го нарушуваат нивниот воздушен простор, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Франција, Литванија и Романија.