Според Меџити, одлуката е донесена поради сериозни пропусти и непочитување на законските обврски

Договорот склучен со „Мелкам инжинеринг“ од Скопје за концесија за експлоатација на варовник на локалитетот Лавинчеви во атарот на селото Страчинци во Општина Гази Баба е еднострано раскинат од страна на Владата, информира министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Според Меџити, одлуката е донесена поради сериозни пропусти и непочитување на законските обврски.
„Концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20 отсто според договорот, односно 25 илјади тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски. Исто така, концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три години“,
рече Меџити.
Меџити рече и дека кај концесионерот бил извршен вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини. Надзорот потврдил дека концесионерот не го исполнил договорот и имало долгогодишен прекин во активностите. Со оваа одлука, министерот рече дека престанува да важи доделувањето на концесијата, а сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки.
„Ова е јасна порака дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање нема да толерираат несовесно користење на природните ресурси. Ќе продолжиме да обезбедуваме одговорно и одржливо управување со нив, во интерес на граѓаните и јавниот интерес. Здравјето и безбедноста на граѓаните се и ќе бидат на прво место“,
рече Меџити и најави санација и пошумување на областа.
Меџити рече дека претходно била донесена негативна одлука за продолжување на работата на каменоломот бидејќи стручните анализи јасно покажале дека неговата активност ќе донесе сериозни последици за животната средина и здравјето на жителите, вклучувајќи го и ризикот од поплави и загадување на воздухот.