„Денес се направени првите трансакции преку СЕПА – системот што ја приближува Македонија кон европското платежно подрачје. До шест пати пониски трошоци за граѓаните. До осум пати пониски трошоци за компаниите“, изјави гувернерот на НБРМ
Гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, го оцени денешниот ден за историски откако, како што рече, се направени првите трансакции преку Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).

„Денес се направени првите трансакции преку СЕПА – системот што ја приближува Македонија кон европското платежно подрачје. До шест пати пониски трошоци за граѓаните. До осум пати пониски трошоци за компаниите“,
објави гувернерот Славески.
Од денеска официјално стартува примената на Единствената зона за плаќања во евра, со што граѓаните и компаниите ќе може да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА под исти услови како и во ЕУ. Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули лани, а на 6 март годинава беше прифатена апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска изјави дека на девет домашни банки им се одобрени апликациите за приклучување кон СЕПА, а до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки. Оцени дека ова е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, приспособувајќи ги стандардите на земјата кон европските.
