Министерката за финансии вели дека од членството во СЕПА се очекуваат бројни придобивки за граѓаните, компаниите и економијата во целина, додавајќи дека пристапувањето може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ
На девет домашни банки им се одобрени апликациите за приклучување кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), информира министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки.

Димитриеска-Кочоска вели дека од членството во СЕПА се очекуваат бројни придобивки за граѓаните, компаниите и економијата во целина, додавајќи дека пристапувањето може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ.
„Пред сè се очекуваат побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем“,
вели Димитриеска-Кочоска.
Од денеска С Македонија официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА), со што граѓаните и компаниите ќе може да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА под исти услови како и во Европската Унија. Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули лани, а на 6 март годинава беше прифатена апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања.