Организирањето на испитната сесија на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е флексибилно и е оставено професорите да одлучат кога може испитот да биде онлајн, а кога е неопходно физичко присуство на студентите, вели за МИА претседателот на Студентското собрание Борјан Ефтимов.
„Факултетите и професорите, кои најдобро ја знаат природата на материјата што ја предаваат, одлучуваат дали испитот ќе се одвива онлајн или со физичко присуство. За начинот и времето на реализацијата со сесијата, се разбира, факултетите се консултираат со факултетските студентски собранија. На ист факултет може да има различни начини за различни предмети. Различните предмети подразибраат и различни методи на проверка на знаењето, така што возможно е студентите во испитната сесија некои предмети да ги полагаат онлајн, а некои со физичко присуство“,
изјави Ефтимов.
Одлуката за начинот на проверка на знаењето, вели, е на професорот иако студентите при одредување на начинот имаат право да го кажат своето мислење и да влијаат на таа одлуката. Крајниот збор го има професорот, но исклучително е важно, вели претседателот на студентската организација на УКИМ, студентите да бидат консултирани – и за начинот на проверка на знаењето, и за организирањето на сесијата и термините за полагање на испитите.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание, кој е четврта година на Правниот факултет, лично смета дека секој метод на проверка на знаењето има свои добри и лоши страни и дека „хибридна сесија“ е најсоодветно решение.
„Постојат многу различни предмети и методи, па затоа сметам дека најсоодветно решение е хибридна сесија која ќе се обиде да го извади најдоброто од двата света. Таму каде што има реални можности за објективна проверка на знаењето преку онлајн-испити, сметам дека треба да се применат, меѓутоа таму каде што професорот ќе процени дека во моментов нема соодветно онлајн-решение, треба да се полага со физичко присуство, притоа почитувајќи ги протоколите“,
рече Ефтимов
На студентите кои нема да можат да полагаат оваа испитна сесија, тој им порача дека нема да бидат оштетени зашто Универзитетското студентско собрание ќе бара, а очекува и дека ќе издејствува, продолжување на роковите и организирање дополнителни испитни сесии по септемвриската испитна сесија.
„Студентите не треба да чувствуваат притисок да полагаат во оваа испитна сесија. Во овие моменти најважно е физичкото и психичкото здравје на студентите. Сесии ќе има доволно, роковите ќе бидат максимално флексибилни“,
додаде Ефтимов.
За тие што ги полагаат испитите со физичко присуство, Владата по препорака на Комисијата за заразни болести усвои протокол за постапување на јавните и приватните високообразовни установи односно факултетите во нивни состав при изведување на испитите.
Покрај дезинфекција и носење заштитни маски, протоколот наложува физичко растојание од најмалку два метра на студентите кои полагаат писмено во една просторија, како и паузи од 20 минути помеѓу термините на испитите што се полагаат усно заради дезинфицирање на просторијата.
