„Според сите истражувања на јавното мислење, сите анкети направени, не од Демократската унија за интеграција, туку од релевантни, кредибилни институции, меѓународни, кои истите тие анкети ги споделија со политичките партии, на национално ниво разликата помеѓу ДУИ и ВЛЕН е околу три спрема еден“, тврди потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми

Потпретседателот на ДУИ (дел од НАИ), Арбер Адеми, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека очекува да победат секаде каде што нивната коалиција има кандидат за градоначалник.
Адеми посочи дека се работи за 16-17 општини.
„Во сите овие општини сме фаворити. Според сите истражувања на јавното мислење, сите анкети направени, не од Демократската унија за интеграција, туку од релевантни, кредибилни институции, меѓународни, кои истите тие анкети ги споделија со политичките партии, на национално ниво разликата помеѓу ДУИ и ВЛЕН е околу 3 спрема 1“,
вели Адеми.
На констатацијата дека и од коалицијата ВЛЕН се самоуверени дека ќе победат во општините со доминантно албанско население, Адеми рече дека секој што ќе го прашате сега, додека трае изборната кампања, ќе се прогласи за победник.

Арбер Адеми: Но, 19 октомври е блиску, јавното мислење е јасно, анкетите се јасни. Ќе видите, ќе се потврди тоа што ние го велиме. Во секоја општина сме во предност, а на национално ниво за советнички листи разликата ќе биде огромна, околу 3 спрема 1.
„360 степени“: Можно е тоа?
Арбер Адеми: Да, можно е.
„360 степени“: Бидејќи на парламентарните избори не беше така. Беше блиску резултатот, дури иако нели ви спорат вас дека бевте во широка коалиција со Бошњаци, Турци итн. но ни одблиску не беше ни 1,5 спрема 1, а не 3 спрема 1.
Арбер Адеми: Да, беше околу нешто повеќе од 30 000 гласови разликата. Но, секако дека оваа наша коалиција сега се прошири и со партијата на господинот Таравари. Но, и потфрлувањата на ова владејачко мнозинство за година и пол го прават своето.
На констатацијата дека Демократската партија на Турците си заминала од коалицијата предводена од ДУИ, а ДПА на Мендух Тачи се пасивизираше за овие избори, Адеми вели дека тие одлучија да не учествуваат воопшто на избори, ни самостојно ни во рамки на коалицијата.
„Сепак, ви велам, јас зборувам од тие резултати што се од кредибилни институции, но и од резултатите што ги имаат сите политички партии од анкетите што ги спроведуваат. Во секоја анкета, било кој тоа да го спроведе, ДУИ води 3 спрема 1, Националната алијанса за интеграција води 3 спрема 1 наспроти ВЛЕН“,
тврди тој.