Плановите на Ѓорѓиевски се реконструкцијата да трае до 2030 година

За пет години редизајнирање на 50 критични крстосници и улици, вети денеска кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски доколку победи на локалните избори закажани за 19 октомври.
Ѓорѓиевски при посетата на скопската Општина Ѓорче Петров рече дека неговата визија за Скопје носи концепт за нулта сообраќајни несреќи.
„Планираме до 2030 година да редизајнираме 50 критични крстосници и улици по европски стандарди да создадеме град во кој сите учесници во сообраќајот ќе се движат без страв и ќе се чувствуваат пред се безбедно“,
истакна Ѓорѓиевски.
Од проектите што најави дека први ќе се реализираат во Ѓорче Петров се изградба на кружен тек меѓу улицата „Ѓорче Петров“ и булеварот „Македонска војска“ што, според него, ќе донесе повеќе безбедност, помалку метеж и подобра мобилност на целиот западен влез од градот.
Исто така, рече дека други важни инфраструктурни проекти се поврзувањето на улицата „Лука Геров“ со патот за Економија, што, според него, ќе го растовари сообраќајот, ќе осигура безбеден премин преку пругата и ќе ги поврзе населбите „Даме Груев“ и Стопански двор во една функционална целина.
За Волково рече дека ќе добие улица по европски стандарди со безбедни тротоари и модерна инфраструктура достојна за сите наши граѓани.
Според него, во тек е проектирање на улицата „Веле Марков“ која ќе се поврзе со булеварот „Македонска војска“ и ќе биде врската што ќе го растовари локалниот метеж.
„Дополнително, ќе се гради и улицата ‘Шарпланинска’ со модерна инфраструктура, одводнување, осветлување и зеленило, за да им се овозможи директно поврзување на населбата Даме Груев со главните сообраќајни коридори“,
истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави изградба на нов и модерен објект за средното училиште „Кочо Рацин“ и решение за проблемите со водоснабдувањето.
„Ѓорче Петров ќе добие нов резервоар и пумпна станица на Оризарски рид, што ќе обезбеди стабилно и сигурно водоснабдување што ќе служи за генерациите кои доаѓаат после нас“, нагласи Ѓорѓиевски.