Поплавите, според последните информации што ги пренесуваат бугарските медиуми, однесоа четири животи

Република Северна Македонија е подготвена да даде поддршка во справувањето со последиците од поплавите, изјавил бугарскиот претседател Румен Радев по телефонскиот разговор што го имал со неговата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова пишува државната информативна агенција на Бугарија, БТА.
„Ѝ се заблагодарувам на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за конструктивниот телефонски разговор и изразеното сочувство за жртвите од поплавите во Бугарија, како и за искажаната подготвеност на РСМ да даде поддршка во справувањето со последиците од катастрофата“,
вели шефот на бугарската држава.
Разговорот меѓу двајцата претседатели доаѓа во период кога Бугарија се соочува со интензивни дождови и поплави кои зафатија голем број области во земјата, при што дел од населението остана без електрична енергија, а пристапот до погодените подрачја е ограничен.
Поплавите, според последните информации што ги пренесуваат бугарските медиуми, однесоа четири животи.
Активностите за итни случаи продолжуваат, а волонтери, воени и социјални екипи работат на расчистување на патиштата, обезбедување на безбедноста на населението и враќање на нормалниот ритам на животот.