Сите фирми имаат еднакви шанси да бидат избрани доколку условите кои ќе ги понудат се конкурентни, велат од ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференцијата на СДСМ за договорот на Македонски Железници – Инфраструктура со ИРД

Тоа што секоја фирма може да добие тендер говори дека институциите се слободни, а постапките транспарентни.
Вака ВМРО-ДПМНЕ реагира, откако претходно денеска СДСМ обелодени дека Македонски Железници – Инфраструктура склучиле договор во вредност од 55 илјади евра со фирмата ИРД Инженеринг, за која власта кога беше опозиција ја обвинуваше за криминална.
„ИРД не е фирмата на Сотир Ампов, ниту фирмата која од фирма за долна облека станала надзор, туку фирмата која била во конзорциум со истата. Тоа што МЖ Инфраструктура овозможила фер и транспарентна постапка во која може да добие и фирма со која СДС ја искористила во правење на разни бизнис шеми говори за тоа дека директорите во институциите поставени од ВМРО-ДПМНЕ не се занимаваат со местење тендери на подобни или неподобни фирми. Сите фирми имаат еднакви шанси да бидат избрани доколку условите кои ќе ги понудат се конкурентни“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Договорот со ИРД е склучен на 19 септември и се однесува на надзор на изведба на градежни работи за санација на делници од пругата.
СДСМ обвини дека врв на лицемерие што Мицкоски од опозиција барал кривична одговорност за фирмата, а сега кога е на власта предводена од него склучува договори со истата фирма.
„Бараме Мицкоски јавно да излезе и да им се извини на граѓаните за сите негови лажни изјави. Николоски да одговори зошто е склучен договор со ‘ИРД инженеринг’“,
кажа на прес-конференција денеска, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.
Инаку, актуелната власт претходно ја обвинуваше компанијата „ИРД инженеринг“ дека е „лош надзор“ над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“.
Минатата влада, пак, ја претстави „ИРД инженеринг“ како италијанска фирма со огромно искуство во надзорот на големи проекти. „ИРД инженеринг“ беа избрани на јавен повик за избор на надзор над изградбата на автопатските делници од проектот со „Бехтел и Енка“. Успеаја да победат во конзорциум со неколку домашни фирми откако првиот тендер за истата работа пропадна бидејќи се покажа дека првично избраната фирма има сомнителни капитални врски со Русија.
Во однос на надзорот на „Бехтел и Енка“, серија истражувања на „360 степени“ покажаа дека една компанија, поточно компании на татко и син, ги поврзува и избраниот конзорциум во пропаднатиот тендер и избраниот конзорциум на „ИРД инженеринг“ во успешниот тендер.
Потоа, испадна дека таа фирма до скоро шиела долна облека, а извадила лиценца за надзор откако била отворена тендерската постапка. Истата фирма навела дека има вработено десетици инженери, но тие всушност биле „позајмени“ на плус од 40-те часови што ги работеле во други фирми. А според јавно достапните документи, токму таа фирма, „Електра солушнс“, треба да заврши најголем дел од работите на надзорот.
Всушност, она што беше најавувано како „странски“ надзор од Европа, се испостави дека е работа која ќе ја вршат 81 експерт од кои само пет се странци и тоа од балкански земји. Поединечните трошоци за некои од тие експерти одеа и до сума од 300 000 евра, според јавно достапните документи од договорот.
Во интервју за неделникот „Фокус“, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски лани кажа дека мора да се истражи како конзорциумот на „ИРД инженеринг“, во кој е и „Електра солушнс“, го доби тендерот за надзор, кој патем чини 22,3 милиони евра без ДДВ, во конкуренција на фирми за надзор од САД и од Франција.