Хамас соопшти дека се согласил да ги ослободи сите преостанати израелски заложници, но бара понатамошни преговори за голем број прашања наведени во мировниот план на САД за Газа
Претседателот Доналд Трамп му порача на Израел веднаш да престане со бомбардирањето на Газа откако Хамас се согласи веднаш да ги ослободи сите преостанати израелски заложници, и живи и мртви, како и Газа да биде управувана од технократи.
„Ова е голем ден“, рече Трамп за одговорот на Хамас на мировниот договор.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел се подготвува за итна имплементација на првата фаза од планот на Трамп за Газа, за ослободување на израелските заложници по одговорот на Хамас.
Според Би-би-си, од 251 лице земено на 7 октомври 2023 година, се верува дека 48 заложници сè уште се држат на палестинската територија од страна на Хамас, од кои се смета дека само 20 се живи.
Хамас вели дека се согласил да ги ослободи сите преостанати израелски заложници, но бара понатамошни преговори за голем број прашања наведени во мировниот план на САД за Газа.
Во соопштението на групата не се споменува нејзиното разоружување, кое беше главно израелско барање ниту, пак, прогонството на нејзините членови.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп вели дека верува оти Хамас е „подготвен за траен мир“.
Би-би-си јавува дека стотици жители на Газа контактирале со нивниот дописник од Газа барајќи појаснување во врска со најновите политички изјави – и дали тие ќе донесат крај на хуманитарната катастрофа.